за

Toyota Prius PHV минува 50 километри на струја

Toyota ја води верзијата од Prius со плагин-хибриден погон како сосем различен модел од стандардниот Prius. Покрај тоа што може да извози до 50 километри на струја и да постигне 135 km/h во електричен модус, Prius PHV се разликува и во дизајнот, во подвозјето, па дури и во изолацијата на каросеријата. Дополнително доаѓа со две светски премиери.

Откако на светот му го даде првиот хибриден автомобил, за подоцна да го претстави и првиот плагин-хибрид во светот, Toyota ја зацврстува својата лидерска позиција во погонот со две срца со две светски премиери. Верзијата на Prius со плагин-хибридна технологија доаѓа со соларен покрив што ги полни батериите и клима уред со топлинска пумпа. Тоа е сепак само мал дел од новитетите што прават Prius PHV да се води како целосно различен модел од стандардниот Prius.

Главното што купувачите го ценат кај плагин-хибридите: Досегот на струја е зголемен од 25 на преку 50 километри, максималната брзина во електричен модус исто така е зголемена од 85 на 135 km/h во споредба со претходникот. Овие подобрувања се должат првенствено на усовршената батерија. Поставена под багажникот, литиум-јонската батерија има двојно зголемен капацитет на 8,8 kWh, но за само две третини поголем волумен – вкупно 145 литри. Батеријата сега тежи 120 килограми, односно за 50% повеќе.

Toyota Prius PHV 00004

Еве и зошто Toyota тврди дека Prius PHV е сосема различен од стандарндиот Prius: Хибридниот погон тука се води како Toyota Dual Motor Drive, односно како прв електричен погон на марката со два поврзани електромотора. Финтата е во специјалниот слободен òд на замавникот на бензинецот. Тоа овозможува генераторот на хибридниот систем да се користи дополнително како погонски електромотор, со што се постигнува поубедливо забрзување и во целина подобри перформанси. И бензинскиот мотор мора да се вклучува поретко.

За првпат се вградува клима уред што функционира со топлинска пумпа

Светска премиера има клима уредот со топлинска пумпа. Овој систем е во состојба да ја загрева кабината кога надворешната температура е до -10oC, без потреба од вклучување на моторот. Ефикасноста на топлинската пумпа е значително повисока во споредба со системите што ја користат топлината од моторот или пак користат електричен грејач.

Toyota Prius PHV 00008

На тоа се надоврзува предгреење на батеријата, којашто при полнењето се одржува на оптимална температура дури и кога надвор е 20 степени под нула. Така се задржува капацитетот на батеријата и се овозможува ист досег без разлика колкава е надворешната температура. Тоа значи и дека погонот е во состојба да ја испорача полната моќност на електричниот погон уште од поаѓање, дури и при зимски услови.

Полнењето на обичен домашен приклучок со 220 волти трае три часа и десет минути. При користење на посебниот полнач, времето се скусува на два часа. Сопственикот има можност да го програмира полнењето за цела недела однапред, за секој ден одделно, вклучувајќи и климатизација на кабината.

Возните својства се подинамични во споредба со стандардниот Prius

Подвозјето е оптимирано за зголемената тежина на плагин-хибридниот Prius, при што ниското тежиште и на самата платформа TNGA и на батеријата оди во прилог на возните својства. Како доказ за тоа, инженерите на Toyota наведуваат дека наведнувањето во свијоци е намалено за 13% во споредба со стандардниот Prius.

Toyota Prius PHV 00007

Со системска моќност од 122 КС, Prius PHV забрзува до сто за 11,1 секунди и постигнува 162 km/h. Потрошувачката според нормите за хибридни возила изнесува 1,0 литар на сто километри, односно тоа е количината на гориво што хибридната погонска спрега ќе ја потроши откако батериите ќе се испразнат по педесетина километри во чисто електричен модус.

Prius PHV има три модуси за возење и четири работни режими на погонот. За второто: Нормален хибриден погон HV, електричен погон EV, градски погон EV City и модус за полнење на батериите, како новитет. За секој од овие режими може дополнително да се избере нормален, моќен или еколошки модус. Новитет е опцијата DMD кога е избран моќниот модус, кога електрониката го следи однесувањето на возачот и при поспортско возење соодветно ги приспособува ефектот на моторно сопирање и реакцијата на педалот за гас.

Дополнителна звучна изолација за повеќе уживање во тишината на електропогонот

Плагин-хибридниот Prius поседува и дополнителна звучна изолација, имајќи предвид дека ќе се вози на струја и до брзина од 135 километри на час. Заптивките на хаубата се модифицирани, исто како и изолациските елементи од полиуретан во поткрилата, па дури и стаклата во предните врати поседуваат акустична изолација. Оваа звучна капсула е комплетирана со таван од полиуретан, подебела изолација на подот и во предните столбови, во задните врати и во завршетокот на покривот.

Toyota Prius PHV 00003

На крај, дури и во дизајнот е интервенирано за Prius PHV да се разликува од Prius. Предниот каросериски превис е подолг за 25 милиметри, задниот за дури 80 милиметри. Највпечатливите разлики се акрилното стакло на маската и тенките диодни светла, задниот спојлер со дополнителни диодни светла и двобојните бандажи. Продолжената каросерија и останатите зафати произведуваат коефициент на отпор на воздухот cW 0,25, најмал во класата.

https://automedia.mk/objavi/27145

Во кокпитот се наоѓа поголем дисплеј, со пречник од 8 инчи и сменета графика, вклучувајќи ги и двата дисплеја од 4,2 инчи во таблата со инструменти. Повеќе стил оддаваат и украсните панели во мат хромиран финиш. Подот на багажникот е 16 сантиметри повисок во споредба со Prius, но сé уште остануваат пристојни 360 литри на располагање.

Соларниот покрив обезбедува струја за дополнителни 5 километри дневно

Технолошката авангарда уште не завршува. Prius PHV е достапен и во верзија со соларен покрив, по пример на студијата Auris HSD од 2010 година. Соларните ќелии можат да го зголемат досегот за најмногу 5 километри дневно. За седум денови, во посебната батерија на тој начин ќе се акумулира енергија за триесетина километри, што е еден ден бесплатно возење. Посебната батерија помага и во возењето, полнејќи го обичниот акумулатор од 12 волти, што повторно придонесува за штедливоста во возењето.

Toyota Prius PHV 00023

Дури и климата работи интелигентно. Посебни сензори препознаваат кога седиштата не се зафатени и го исклучуваат дотокот на климатизиран воздух до нив. Уште една иновација и светска премиера во големосериското производство е лесниот заден капак, изработен од композитен материјал.

„Суперхибридниот“ Prius чини околу 40 проценти повеќе од стандардната изведба на шампионот во погонот со две срца. Но, како што наведува Toyota, Prius PHV е наполно различен модел од Prius. Тоа значи, двапати поразличен од обичните автомобили.

Технички податоци · Toyota Prius PHV

Мотор 1.798 ccm, VVT-i, компресија 13:1, моќност 98 КС при 5200/min, вртежен момент 142 Nm при 3600/min Електромотор моќност 92 КС, напон 650 V Батерија литиум јон, 95 ќелии, капацитет 8,8 kWh, тежина 120 kg, зафатнина 145 L, максимална брзина во електричен модус 135 km/h, досег 50 km Системска моќност 122 КС при 5200/min Пренос планетарен менувач, преносен однос 3:1, забрзување 0-100 km/h за 11,1 s, крајна брзина 162 km/h Потрошувачка на гориво 1,0 L/100 km, потрошувачка на струја 7,2 kW/100 km, резервоар 43 L, емисија на CO2 22 g/km Подвозје напред мекферсон, назад оска со триаголни водилки, број на вртежи на волан 2,84, круг на вртење 10,2 m, пневматици 195/65 R16 Димензии 4645 х 1760 х 1470 mm, меѓуоскино растојание 2700 mm, багажник 360/1204 L Тежина на празно возило (вклучувајќи 75 kg за возач и полн резервоар) 1605 kg, дозволена максимална тежина 1855 kg

[FAG id=27280]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Холанѓаните го имаат првиот летечки автомобил во продажба

Турбо мотор со 100 КС за малечката Kia