за

Toyota Land Cruiser може да вози и 370 km/h

toyota-land-speed-cruiser 1
toyota-land-speed-cruiser 1

Најсилната Toyota Land Cruiser се појави во 2016 година на прочуеното шоу на тјунирани автомобили СЕМА во Лас Вегас. Вредноста: 2.000 коњски сили!

Теренецот на Toyota, што се вбројува меѓу најспособните од оваа сорта, Land Cruiser, ги има поминато речиси сите видови пречки и предизвици на планетава Земја. Од 1951 година, класичарот што е подеднакво обожуван во секоја негова генерација, произведен е во повеќе од 10 милиони примероци. Тоа што му дава дополнителен карактер е способноста на Land Cruiser да вози комфорно. Единствениот непознат терен за овој „автомобил“ беа високите брзини. Инженерите на Toyota во 2016 година се впуштија и во тој предизвик, да го претворат Land Cruiser во брза машина. Најбрза.

Задачата му припадна на Toyota Motorsports Technical Center (MTC) во Лос Анџелес, САД. Овој центар вообичаено ги подготвуваше тркачките болиди на Toyota за Наскар. Преработката беше прикажана пред публиката на Сема во 2016 година и предизвика одлични реакции. Масивната каросерија беше спуштена, а на кованите бандажи беа навлечени гуми 315/35 ZR20. Камери место ретровизори се погрижија за намалување на отпорот на воздух. Впечатлив детал беше црната грбка на хаубата. „Новиот“ модел доби име Land Speed Cruiser.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Намерата на иниженерите не беше да направат спектакуларен тјунинг, туку да постават брзински рекорд со робустниот теренски автомобил. Во кабината остана само лесно тркачко седиште и масивен заштитен кафез. Поинтересно беше под хаубата. Таму се најде вообичаениот 5,7-литарски V8 за САД, оригинално со 381 КС. Според пресметките, за поставување нов рекорд беше потребно да се постигне моќност од најмалку 2.000 КС.

Во првиот обид беа постигнати 339 km/h, не остана доволно должина од пистата за запирање

Рекордот за СУВ-возила што требаше да се урне изнесуваше 339 km/h. За моќноста се погрижија два џиновски турбокомпресори Garett – со големина колку баскет, и со притисок до 3,8 бари. Задачата за напојување со гориво им беше препуштена на 3 (три!) пумпи за бензин. Посебно беше изведен и издувен систем, кој типично американски, завршуваше странично. Клиповите и клипниците беа изработени специјално. За преносот на сила беше задолжен 8-степен автоматик од специјалистот Weismann.

New photo by Automedia MK / Google Photos

За поставувањето на новиот рекорд беше избран посебен терен: Четири километри долгата полетна и приземна писта на „Mojave Air and Space Port“ во Калифорнија. По финото дотерување на Toyota Land Speed Cruiser од страна на тркачот и тест возач Крег Стентон, се беше подготвено за поранешниот Наскар-пилот Карл Едвардс, на 2-ри мај 2017 година да го направи рекордерското возење.

Во првиот обид, Едвардс постигна 339 km/h, затоа што не остануваше доволно пат за сопирање. Решението беше да се зголеми притисокот на натполнење. Тогаш успеа, во следниот обид беше постигната брзина од 370,18 km/h. Така Toyota Land Cruiser стана и најбрз СУВ во светот.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Технички податоци

Toyota Land Speed Cruiser

  • Мотор V8, преработени клипови и клипници, два турбо-компресори Garrett GTX4718R со притисок од 3,8 бари, Wastegate и Blow-Off вентил од TurboSmart, специјален интеркулер од MTCI (Toyota Motorsports Technical Center Inc)
  • Зафатнина 5.663 cm³
  • Моќност 1.471 kW/2.000 КС
  • Вртежен момент – нема податок
  • Пренос Weismann 8-степен автоматик со пневматско менување на степените и центрифугална мокра спојка со повеќе ламели
  • Крајна брзина 370,18 km/h (230.02 mph)

Малку пофини работи во нашата репортажа со Lexus RX 450h од 100.000 евра

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Колку често ги менувате метличките на бришачите

Колку често ги менувате метличките на бришачите?

Volvo ја пушти новата монтажна линија за батерии во Гент

Кои марки имаат најголем удел на електрични автомобили во продажбата?