за

Toyota има нов планетарен крстосувач

Зад Toyota Land Cruiser стојат 70 години традиција и над 10 милиони продадени примероци. Имиџ на незапирлив пробивач по теренот, исто така. Нова генерација.

Големи промени во новата генерација на Land Cruiser. Комплетно нова платформа GA-F, нови мотори V6 со твин-турбо натполнење, нов 10-степен автоматски менувач, нова суспензија и секако нов дизајн.

Toyota ја одржа онлајн презентацијата на новата генерација на Land Cruiser од настан што се одржуваше во Дубаи. Land Cruiser од серијата 300 е прв модел во каросериска изведба SW (station wagon) откако LC 200 беше претставен во 2007 година. На новиот модел ќе му припадне местото на нов знаменосец во СУВ-понудата на марката.

Како и секој друг модел на Toyota, крузерот се базира врз квалитет, истрајност и издржливост, заедно со подобрени возни својства при теренско возење, но и при возење по пат. Целта е на возачот да му се обезбеди лесна работа зад воланот, без разлика каде вози. Истата цел важеше и за претходникот, кој секако дека успешно ја исполни својата мисија.

New item by Automedia MK / Google Photos

Моторите, менувачите и платформата се комплетно нови и земаат во предвид примена на возилото и во најтешки услови по беспаќе. Инженерскиот пристап што Toyota веќе со години наназад го води како TNGA (Toyota New Global Architecture) и го применува во целата своја патничка гама, од Yaris до RAV4 и до новиот Highlander, првпат се користи и во „тешкиот“ теренец.

Верно на мисијата, Toyota Land Cruiser ја користи платформата TNGA, но пак се базира врз класичниот и супериорен принцип на носечка рамка и каросерија врз неа

Платформата GA-F овозможува врвна теренска проодност, но донесува и значително зголемена крутост на каросеријата, моќ и динамички баланс, како и подобрени својства при возење по асфалтирани патишта. Со новата платформа пристигаат и нови технологии, се смалува тежината, се спушта тежиштето, се подобрува безбедноста и се овозможуваат нови дизајнерски потези внатре и надвор.

New item by Automedia MK / Google Photos

Тежината е намалена за 200 килограми. Во суспензијата се користат „полимузински“ решенија, но верно на традицијата, Land Cruiser 300 повторно ќе може без проблем да извози Рели Дакар. Целта била да се создаде СУВ што освен врвна теренска способност ќе поседува и леснотија за управување, како на пат, така и на терен.

LC 300 е прв автомобил во светот што користи систем за суспензија што овозможува врвна динамика, применувајќи електроника и кинетика (Electronic Kinetic Dynamic Suspension System, E-KDSS). Големиот теренец е прва Toyota со мулти-теренски монитор, со реална слика од површината под возилото и директно покрај него, како и за позицијата на тркалата. Системот автоматски го проценува квалитетот на површината и избира соодветен режим за возење.

Новите мотори V6 имаат зафатнина од 3,5 литри и 3,3 литри – првиот бензинец, вториот дизел. Според Toyota, во поглед на перформансите, новите мотори се на ниво на мотор V8, но имаат почиста емисија и се поштедливи. Во двата случаи може да се доплати за нов 10-степен автоматик, кој помага потрошувачката да се смали за 10% во споредба со претходникот.

Продажбата на новиот Toyota Land Cruiser 300 ќе стартува во текот на летово.

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Производителите вложуваат сé помалку во нови технологии за мотори

Девет илјади мобил-мејкери на Volkswagen на ЕУРО 2020