На Тојота одлично ѝ успеваат лимузините, како Корола и Камри. Теренците исто така, Ленд Крузер и РАВ4 се само два од седумте од тој вид. Градските автомобили како Јарис и кросоверите како Ц-ХР, и тие не се исклучок. Според тоа, Тојота умее да направи автомобил. Лимузините веројатно ѝ успеваат најдобро. Камри во новото моделско годиште доаѓа со нов изглед, нов хибриден погон, обновена внатрешност и задолжително со нов инфо-забавен систем.
Во изгледот на новото моделско годиште на Тојота Камри не треба многу да се нагаѓа, од каде доаѓа инспирацијата. Ц-ХР вторпат ѝ успеа на Тојота, а токму светлата се тие што се највпечатливи во изгледот, иако кон таа форма прв појде уште малечкиот Ајго Крос. На дизајнерите (во студиото на Тојота во Калифорнија), а уште поважно, на менаџерите, им се допаѓаше и лимузината Камри да личи на Ц-ХР (тестот).
Камри можеби во Европа не ги ужива највисоките места во продажбата, како моделите од средната класа на Мерцедес, БМВ или Ауди. Но, опстојувањето на овој модел никогаш не било донесено во прашање, како што тоа е случај со веќе непостоечките Форд Мондео, Опел Инсигниа, Рено Лагуна и бројни други некогаш звучни имиња на сцената. Затоа, Камри е силен во САД, па дури и најсилен. Тојота ја има најпродаваната лимузина на пазарот каде што некогаш крстосуваа Бјујк, Понтијак, Шевроле, Олдсмобајл. Тоа се случува веќе подолго од две децении.
Од таа причина, Тојота ја ужива комоцијата да може денес и во Европа да продава лимузина од средна класа, каде што автомобилот со класичната форма, ако не е Ц-Класа, Серија 3 или А5 (A4 ќе се користи за електричниот модел), единствено може да биде Шкода Суперб.
Од првиот модел од 1982 година, досега се продадени повеќе од 21 милиони возила ширум светот. Новото моделско годиште, што е фејслифт на моделот од 2017 година, Јапонците го сепак го водат како сосем нова генерација, Икс В 80.
Целта при освежувањето беше да се зафати во изгледот и да се внесе уште една доза уживање во возењето, без тоа да оди на товар на удобноста и просторноста. За материјалите и површините се водело грижа да се постигне впечаток на премиум возило. Промените внатре не се забележуваат на прв поглед, но токму тој е впечатокот, Камри оддава сериозност и уверува дека Тојота знае да направи лимузина.
View this post on Instagram
Најголемиот производител во светот ја именува лимузината Камри Хибрид 230. Бројката е важна, не само затоа што се однесува на зголемената моќност, туку и на преоѓањето на хибридна технологија од 5-то колено. Во времето кога Корола Крос го воведе Хибридот Број 5, Камри веќе со години беше присутна на пазарот.
Нова е мултимедијата, дигиталната табла, дополнета е содржината од системи за асистенција за комфор и безбедност, тоа што светот го знае како Тојота Сенс.
Превисот на каросеријата напред е подолг за 30 милиметри, а се наведува и дека покривот назад е изведен пониско во споредба со моделот пред освежувањето.
Една од новините во хибридот е користење литиум јон батерија, што заедно со сите останати зафати, направи самата хибридна погонска единица да биде полесна за 7,7 килограми. Системската моќност со посилен електромотор се зголеми на 230 КС (+6%), додека потрошувачката се смали на 4,8 литри, а исто и спринтот се скуси на 7,2 секунди, од претходно 8,3 секунди.
Тојота Авто Центар веќе почна со продажба на новата генерација, којашто почнува од 44.490 евра за ниво Комфор. Покрај веројатно најбогатиот состав од системи за асистенција што е достапен на пазарот, Камри стандардно располага со паркинг сензори напред и назад, заедно со камера, електрично местење на возачко седиште и грејачи во предните седишта, двозонска автоматска клима, пристап без клуч, тркала од 17 инчи, мултимедиски систем со дисплеј од 12,3 инчи и дигитални инструменти од 7 инчи, безжично полнење телефон.
















