Toyota Camry е неприкосновен лидер на пазарот од другата страна на океанот. Луксузната лимузина летоска стартуваше во новата генерација, сега се појавуваат гласини дека е можно таа да се појави и во понудата на европскиот пазар.
Еден модел е цели две децении на првото место во продажбата на патнички автомобили на пазарот во САД. Со исклучок на 2001 година, Toyota Camry е најпродаван автомобил на големиот пазар уште од 1997 година. Повеќе се продаваат само пикапите и тешките теренци од домашните марки. Според последните гласини, новата генерација на моделот може наскоро да се појави и на европскиот пазар.
Camry долги години беше врв во понудата на Toyota за Европа, позициониран над легендарната Carina и нејзиниот наследник Avensis, скроен специјално за европскиот пазар. Моделот беше повлечен од тукашната понуда во 2004 година, поради блискоста до Avensis и до престижниот Lexus GS.
Toyota Camry ја користи платформата TNGA, којашто донесе вистинска револуција во марката
Летоска во САД стартуваше продажбата на новата генерација на Toyota Camry. Сосем очекувано, моделот веднаш се искачи на врвот на продажбата. Лимузината ја користи новата модуларна платформа TNGA на Toyota, исто како хибридот Prius, кросоверот C-HR, а наскоро и новата генерација на Auris. Оваа платформа го означи комплетниот препород на јапонската марка, со поголем нагласок на динамиката во возењето и подготвеност за новите генерации системи за асистенција.
Промените се очигледни и кај Camry. Во споредба со претходната генерација, дизајнот е многу повпечатлив и верно ги отсликува промените што произлегоа од новата TNGA. Со должината од близу 4,9 метри, Camry се вклопува во „стандардот“ во класата, покрај Passat и Mondeo.
Хибридниот погон прави дизелот да биде непотребен
На јапонскиот пазар се нуди само верзијата со хибриден погон, со 2,5-литарски бензинец од 178 КС (со рекордна термална ефикасност од 41%) и електромотор од 120 КС, кои заедно произведуваат системска моќност од 211 КС. Батеријата исто така е префрлена на литиум-јонска технологија. Европските купувачи би биле сосем задоволни со оваа верзија, имајќи предвид дека во повеќето држави постојат масивни субвенции. Покрај тоа, рапидно се намалува и интересот за дизелот.
Големата лимузина веројатно нема да го носи името Camry на европскиот пазар, туку ќе продолжи под името Avensis, вклучувајќи неколку зафати во дизајнот.
Од појавувањето на јапонскиот пазар во 1980 година како Celica Camry, моделот две години подоцна ја почна кариерата како глобална лимузина од средната класа на Toyota, продавана на повеќе од сто пазари низ светот. Вкупната продукција на „втората Corolla“ на јапонската марка надминува 18 милиони примероци.


















