за

Враќањето на оваа легенда ни годи: Alpine A110

Alpine A110

Alpine A110 е ретро автомобилот што им беше потребен на возачките ентузијасти. Porsche Cayman и Audi TT подобро нека станат теренци, станаа здодевни.

Mini, Fiat 500, Beetle. Сите тие се автомобили што скапо ја продаваат приказната на своите оригинали. Под шминката е обична Panda или Golf. Кога се појави повторно, и Mini имаше антички мотор од Chrysler под хаубата. На возачките души им е сеедно што постојат овие ретро-парадери. Тие можат да реагираат единствено на автомобили што ќе им го поттикнат апетитот за возење. На Alpine A 110, на пример.

Alpine A110 1

Реинкарнацијата на францускиот тркач чини петпати поскапо, но и вреди најмалку десетпати повеќе. Мотор во средина, погон назад, две седишта, алуминиум и по две триаголни водилки на тркало. Друго ништо не е важно. Колку за ориентација, 1,8-литарецот користи турбонатполнење и истиснува 252 КС од себе.

Renault, мајката на Alpine, далеку од тоа дека не е свесна за потенцијалот за наплата со овој автомобил, чијашто сина боја е влезена во потсвеста на секој ентузијаст. Во знак на годината во којашто е произведен првиот Alpine, од A 110 е изработена серија од 1.955 примероци, секој со цена од 58.000 евра. Кој реагирал навреме, ќе ја добие својата тркачка машина по зимово, кој реагира отпосле, ќе чека најмалку до наесен. Серијата Premiere Edition се разграба за пет дена.

Renault колку што треба, Alpine колку што може повеќе

Принципите што стојат зад Alpine A110 се истите како во 60-те и 70-те. Долу не работи Megane R.S., туку комплетно различна конструкција. Производството е во фабриката во Диепе, на Северот на Франција, подигната од Жан Редел, основач на марката. Во последните години, таму се произведуваа машините на Renault Sport. A110 е вистинското заокружување на тркачката страст на Renault. Значи, над R.S.

Alpine A110 2

Со алуминиум за подвозјето и каросеријата, постигнато е Alpine A110 да тежи само 1.080 килограми. Седиштата од Sabelt тежат само 13,1 килограми по парче, со интегрирањето на паркирната сопирачка во задните сопирачки клешти од Brembo се заштедени 2,5 килограми.

Alpine A110 го победува Cayman за три должини на каросерија

За распределбата на тежина во сооднос 44:56 придонесува резервоарот вграден зад предната оска. Под предниот капак се наоѓа багажник од 100 литри, уште 96 литри стојат на располагање назад. Доволно за два шлема и два тркачки костуми.

Куса споредба на способностите на Alpine A110. Со 300 килограми повеќе на грбот и турбо-четирицилиндарец со 300 КС, на Porsche Cayman му се потребни 5,1 секунди за спринт. На француското купе, шест десетинки помалку. Тоа е разлика од три должини на автомобил.

[FAG id=29548]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Toyota Camry

Toyota Camry се враќа на европскиот пазар?

baic elektricen superavtomobil

Кинески производители се откажуваат од обични мотори по 2020