
Тојота вели дека новиот хибриден Ајго Икс е најчистиот автомобил што се продава на европскиот пазар, без да поседува приклучок за батеријата да се полни. По хомологацијата, се очекува вредност од 86 грами ЦО2 на километар.
Хибридниот Ајго Икс ќе биде единствената погонска изведба што ќе се нуди во гамата на градското мини, кога ќе почне неговата продажба кон завршетокот на годинава. Тој ќе биде воедно и единствениот модел во класата на мини автомобилите, што располага со хибриден погон.
Сегашниот Ајго Икс, којшто користи бензински мотор без хибридизација, има емисија од 109 грама ЦО2 на километар. Најпродаваниот мини автомобил во Европа, Фиат Панда/Пандина, со благ хибрид со 1,0-литарец и 70 КС испушта 113 грами ЦО2 на километар.

Со продадени преку 30.000 примероци до април, Ајго Икс е втор најпродаван модел во класата на мини автомобилите во Европа, по Панда/Пандина со 52.000 возила и пред Киа Пиканто со околу 22.000 примероци.
Постојат повеќе градски модели со хибриден погон, меѓу кои секако е Тојота Јарис, како и Рено Клио. Јарис има емисија од 87 грама на км.
„Во последните 20 години, Ајго Икс беше влезот во гамата на Тојота и нудеше пристап до традиционалните вредности на марката, а тоа се квалитетот и издржливоста, додавајќи стил и агилност, што помогна тој да освои нови и многу помлади купувачи“, кажува Андреа Карлучи, потпретседател на Тојота Европа, одговорен за маркетинг и развој на модели.
„Со хибридот, ја јакнеме иновативноста со нагласување на ‘уживањето во возење’ и во исто време го задржуваме нивото на влезот во марката, во поглед на вкупните оперативни трошоци,“ додава Карлучи.

Како Тојота го изведе хибридниот Ајго Икс
Тојота изврши крупни зафати врз Ауго Икс, којшто е конструиран за мотор со три цилиндри со зафатнина од 1,0-литар. Мораше да се создаде простор за да го собере поголемиот 1,5-литарски мотор со три цилиндри од Јарис, заедно со електромоторот и со батеријата.

Носот е продолжен за 76 милиметри. Двете батериски ќелии се сместени попречно под задните седишта, што е различно од останатите хибриди на Тојота, каде што подолгото меѓусокино растојание овозможува батериските ќелии да се сместат една зад друга.
Со преоѓањето на хибриден погон и мотор со зафатнина што е поголема за 50 проценти, моќноста на Ауго Икс порасна од 72 на 116 КС. Перформансите уште не се објавени.
Ајго Икс беше последен патнички модел на Тојота што не се нуди со хибриден погон. Јарис и Јарис Крос веќе извесно време се продаваат на европскиот пазар исклучиво во хибридна изведба.
Цените не се објавени, но се очекува тие да пораснат за околу 2.000 евра. Ајго Икс во Германија почнува од 18.090 евра, додека најдостапниот модел на Тојота со хибриден погон е Јарис, којшто таму чини 25.500 евра.
[the_ad id=”85764″]
Тојота првпат ќе понуди и спортска изведба ГР Спорт од хибридниот Ајго Икс. Спортските возни својства ќе доаѓаат од зафати во амортизацијата и во управувањето. За повеќе да се разликува од стандардната изведба, ГТ Спорт ќе добие црна хауба и црн покрив.
Тојота почна со продажба на Ајго Икс во 2021 година и досега произведе 287.000 примероци во фабриката во Колин, Чешка. Тој го наследи обичниот Ајго, од којшто се произведоа 1,4 милион примероци меѓу 2005 и 2021 година, во заедничката фабрика со ПСА Групација, со сестринските модели Цитроен Ц1 и Пежо 108. Од 1-ви јануари, Тојота целосно ја презеде сопственоста на оваа фабрика.















