Toyota и Mazda градат заедничка фабрика во САД

Toyota и Mazda соработка

По две години од склучувањето на соработката, Toyota и Mazda го прават првиот заеднички чекор. Нова фабрика во САД против заканите на Трамп, заеднички развој на електричен погон, соработка во возила со автономна технологија. Mazda добива многу од соработката.

Јапонските производители на автомобили Toyota и Mazda ја прошируваат соработката. Toyota ќе има удел од 5% во акциите на Mazda, а соодветно и Mazda ќе учествува со одреден процент во акциите кај авто-гигантот. Првичниот план е да се изгради заедничка фабрика во САД. Американскиот претседател Доналд Трамп повеќепати ги опомена автомобилските концерни да произведуваат во земјата доколку сакаат и понатаму да продаваат на тамошниот пазар.

Фабриката ќе чини околу 1,6 милијарда евра, а годишната продукција ќе достигнува 300.000 возила. Отворањето се планира за 2021 година, фабриката отвора 4.000 работни места. Половината од својата продажба на американскиот пазар, Toyota ја постигнува преку возила од локална продукција. Наспроти тоа, Mazda нема изградено фабрика во земјата.

Toyota и Mazda во заеднички развој на електричен погон

Следно тежиште на соработката е заеднички развој на техника за електрични автомобили. Додека Toyota е пионер и шампион во хибридната погонска техника, Mazda заостанува далеку во овој поглед и уште нема понудено соодветен модел со хибриден погон. Скапиот развој на технологијата за самостојно возење исто така ќе се одвива заеднички.

Двата производитела ја потпишаа основната спогодба уште во мај 2015 година. Акио Тојода, претседател на Toyota, тогаш изјави дека станува збор само за „вљубеност, не за венчавка.“ Оттогаш се работело на поставување основи за соработка во повеќе подрачја.

Првиот квартал од тековната деловна година (од 1-ви април) мина одлично за Toyota. Пораснаа и продажбата и прометот и заработката. Од април до јуни, концернот продаде 2,2 милиони автомобили, што се 42.500 примероци повеќе отколку во истиот период лани. Прометот порасна за седум проценти, додека оперативниот резултат покажа уште повисок раст, со 11 проценти.

Претходна објаваСо автомобилот право во вода – и тоа е сосем разумно
Следна објаваКосмичкото Lamborghini на Џеј Кеј оди на продажба

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here