Производството на Tesla Model 3 запнува, но еден договор им носи голема надеж на Американците. Во слободна трговска зона во Шангај ќе се гради нова фабрика на Tesla.
Производителот на електрични автомобили Tesla е чекор поблиску до отворање фабрика за своите возила во Кина. До крајот на годината се очекува Tesla да потпише спогодба со градските власти на Шангај. Претседателот Доналд Трамп во следниот месец ќе ја посети Кина, но останува неизвесно дали дотогаш ќе биде постигната спогодба.
Кина е најголем пазар за автомобили во светот, но и пазар со огромна побарувачка за електрични возила. Заради намалување на аерозагаденоста од сообраќајот, државата масовно инвестира во електромобилноста, со субвенции за купувачите и поддршка на производителите.
Tesla очекува договорот да биде постигнат пред крајот на годинава
Локалното производство би донело многу предности. Производството е поевтино отколку во САД, отпаѓаат и трошоците за транспорт. Tesla уште во јуни објави дека води преговори со кинеските власти за изградба на фабрика. Повеќето големи марки веќе се произведуваат во Кина.
Според пишувањата на „Вол Стрит Журнал“, фабриката ќе се гради во слободна трговска зона во Шангај. За автомобилите на Tesla и натаму ќе се плаќа увозна царина во висина од 25 проценти. Исто како останатите производители, Tesla мора да основа заедничка компанија со кинески партнер, како основен услов за странските фирми да произведуваат во земјата. Голема е веројатноста дека партнерството ќе се реализира со фирмата Tencent, којашто веќе има удел во акциите на калифорнискиот производител.
Од 2019 година, Кина ќе применува квота за електрични возила. Производителите ќе бидат обврзани електричните и хибридните автомобили да учествуваат со најмалку десет проценти во продажбата. Една година подоцна, квотата се зголемува на 12 проценти. Странските марки моментно не ја исполнуваат оваа квота и во соработка со своите кинески партнери прават напори за масивно зголемување на продажбата на електрични возила.
















