за

Tesla имаше рекорден квартал и најавува нови вработувања

Tesla Model Y bela
Tesla Model Y bela

Во писмо испратено од менаџментот до вработените во Tesla се најавуваат нови вработувања и се гледа со голем оптимизам кон претстојниот период. Тесла произведе рекорден број електрични автомобили во вториот квартал. Планираната продукција за годинава изнесува најмалку 360.000 возила.

Tesla се подготвува да ја зголеми продукцијата во фабриката во калифорнискиот Фремонт и, по објавите за отпуштања на работници и заминување на раководниот персонал, претстои повторно зголемување на работната сила. Тоа се наведува во интерната е-порака до вработените, како што објави американскиот индустриски гласник Аутомотив Њуз.

Писмото е испратено непосредно по завршувањето на вториот квартал, во којшто Tesla забележа рекордна испорака на возила. Шефот Жером Гулен најавува дека и новата фабрика во близина на Шангај ќе започне со производство во последниот квартал од годинава и со тоа ќе придонесе за постигнување на амбициозните цели.

По неколкуте бранови отпуштања во минатите месеци, пријатно изненадување е најавата од Гулен дека повторно ќе се зголемува работниот персонал во компанијата. „Бидејќи ќе продолжиме со зголемувањето на продукцијата, молиме соопштете им на вашите пријатели и соседи, дека имаме отворено голем број интересни нови позиции, како во Фремонт, така и во Гига,“, при што автомобилскиот шеф мисли на гига-фабриката за батерии во Рено, Невада.

Tesla во вториот квартал произведе 95.200 електрични возила, соборувајќи го претходниот рекорд од 90.700 возила, произведени во последниот квартал од минатата година. Тоа беше големо изненадување и за аналитичарите на Вол Стрит.

Продажбата на Model S и Модел X е намалена за дваесетина проценти по пристигањето на подостапниот Tesla Model 3

Критичарите ценат дека Tesla Model 3 го уништил интересот за поскапите Model S и Model X, поради што се смалила и профитабилноста на компанијата. Во меѓувреме, Илон Маск негираше дека претстои моделско освежување на двете подзастарени моделски серии. Место тоа, ќе се извршат само неколку помали преправки. Во периодот од април до јуни биле испорачани 17.650 примероци од Model S и Model X, што претставува намалување од околу 20 проценти во споредба со вториот квартал лани.

Следниот новитет во понудата, компактниот кросовер Model Y, треба да започне со производство кон крајот на 2020 година. Тоа ќе придонесе Tesla да ја зацврсти својата позиција како производител на автомобили.

Финансискиот портал „Seeking Alpha“ се сомнева дека Тesla ќе го исполни планот за 360.000 до 400.000 возила годинава. Тие пишуват дека Tesla во април на двапати ја смалувал ратата на лизинг за Model 3, односно таа била смалена за околу 13 проценти. На тој начин била поттикната продажбата на електричниот автомобил.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

harley davidson fatboy lego

Harley-Davidson Fat Boy составен од 1.023 лего-коцки

Volkswagen превоз ЕУРО2020

Volkswagen ќе пуштa возила на повик за ЕУРО 2020