за

Tesla Model 3 станува хроничен проблем на електро-специјалистот

tesla model 3

Tesla Model 3 требаше да го вивне калифорнискиот производител на електрични автомобили меѓу гигантите во браншата. Но, компанијата на Илон Маск и натаму е во дебели долгови, електричната лимузина од 35.000 долари се произведува во апотекарски количини, а во меѓувреме и големите компании стартуваат со електрични модели.

Повеќе од четиристотини илјади клиенти чекаат да им биде испорачан Tesla Model 3. Во последното тромесечје тоа им се посреќи само на 1.550 клиенти. Според плановите, продукцијата на електричната лимузина веќе требаше да достигне 5.000 примероци неделно. Оваа цел сега е поместена за најмалку половина година. Место да му донесе профит на американскиот производител, Model 3 го доведува во прашање неговиот опстанок.

Производството запнува во батериите за погонската спрега и во завршната монтажа на возилата. Проблемот во составувањето на батериските модули во гигафабриката во Невада е надминлив. Но, тоа е залудно кога производителот не може да ја изврши монтажата на возилата докрај.

На купувачите на Model 3 им е потребен автомобилот за секојдневието, не заради престиж, чекањето не може да трае до недоглед

Купувачите на Tesla Model 3 не се толку трпеливи како возачите на Model S и Model X. Тие се деловни луѓе и службеници на коишто возилото не им е потребно заради престиж или каприц, туку им е потребно во секојдневието, за службени патувања и за потребите на семејството. Чекањето на испораката на возилото не може да се одолговлекува до недоглед.

Голем проблем е и тоа што Tesla досега нема постигнато заработка. Трошоците порано се покриваа со превисоките цени и дебелите маржи за Model S и X. Ценовниот сегмент на Model 3 е многу почувствителен, тука се гледа секој цент да се заштеди. Проблемите во неговото производство само ја зголемија загубата на компанијата. Само за третиот квартал, загубата на Tesla изнесува над 600 милиони долари.

Tesla Model 3 се произведува рачно како Rolls-Royce, а се продава по цена на Chevrolet

Реномираниот „Вол Стрит Журнал“ објави дека производството на Model S во почетокот се одвивало рачно. По напуштањето на производствената линија била вршена рачна доработка на возилата. Тоа е незамисливо скапо, за автомобил што чини 35.000 евра. Потоа и „Ројтерс“ објави дека рачната доработка била вообичаена и за Model S и Model X. Според агенцијата, вработените морале да интервенирале кај девет од секои десет произведени примероци од скапите модели.

Илон Маск е ѕвезда на американските медиуми. Јавноста секогаш е гладна за фигури со успешна приказна. Но, во ветувањата на милијардерот денес верува сé помал круг луѓе. Залудни се најавите за пикап, спортски автомобил, суперкамион со погон на струја. Балонот се надува премногу и пукна. На конкуренцијата ѝ успева многу подобро.

Никој не сака автомобил со зјаеви колку прст и со врати што чкрипат

Tesla повеќе не е сама на пазарот на електрични автомобили. Chevrolet Bolt чини исто, се продава десетпати подобро од Model 3, а уште поважно е тоа што станува збор за компанија во којашто купувачите веруваат. Откако годинава ќе стартуваат Jaguar I-Type и Audi e-tron quattro, нема да биде лесно ниту за Tesla Model X.

Chevrolet Bolt во ноември се продал во околу 3.000 примероци, додека од Model 3 се испорачани само 345 возила. Во меѓувреме на пазарот во САД пристига и новата генерација на најпродаваниот електричен автомобил, Nissan Leaf. За разлика од компанијата на Маск, тука станува збор за гиганти во автомобилската бранша, кои не можат да бидат изненадени од предизвиците на големосериското производство.

Никој нема да прифати неквалитетно изработен автомобил, со каросериски зјаеви во коишто собира прст и врати што чкрипат, покрај квалитетот со когошто произведува конкуренцијата од Lexus, Mercedes или Audi.

И уште еден проблем. Во технолошки поглед, Tesla веќе заостанува. Новите генерации електрични автомобили од големите имиња на автомобилската сцена се далеку понапреднати. Компанијата на милијардерот Маск може да биде само малку поуспешно поглавје од тоа што го има испишано DeLorean.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mclaren 720s

McLaren со уште една рекордна година

роботски автомобили цес лас вегас 2018

Роботски автомобили за посетителите на ЦЕС во Лас Вегас