Tesla го помести почетокот на производството на електричниот пикап Cybertruck за следната година. На страницата за нарачка на моделот се појавува порака којашто укажува на промените во плановите.
При конфигурирање на електричниот пикап на вебсајтот на Tesla, пред истото да се комплетира следи пораката: „Конфигурирањето ќе можете да го завршите непосредно пред почетокот на производството во 2022 година“. Tesla не наведува подетални информации за почетокот на производството на Cybertruck.
Во последните месеци честопати кружеа гласини, дали Tesla ќе успее да го испочитува планираниот почеток на производството на Cybertruck пред крајот на годинава. Така најави компанијата на Илон Маск кога електричниот пикап ја доживеа својата светска премиера во 2019 година. При објавувањето на билансот за минатиот квартал во јули, уште фигурираше претходно наведениот датум за стартот на производството на Cybertruck.
Футуристички конципираниот модел е посебно важен за Tesla на домашниот пазар, поради тоа што во САД традиционално постои висока побарувачка за пикапите. Само за една седмица по презентацијата на Cybertruck пристигнале повеќе од 250.000 резервации. Пикапот треба да се произведува во новата гигафабрика во Тексас. Според податоците од производителот, Tesla Cybertruck на пазарот во САД ќе стартува од 40.000 евра, односно околу 34.000 евра.
















