за

Најоригиналниот модел на Suzuki на сите времиња, дефинитивно

Suzuki Vitara X-90
Suzuki Vitara X-90

Денес постојат единствено две каросериски изведби: СУВ и таа што не е СУВ. Во последната декада од минатиот век, на автомобилската сцена владееше вистинско шаренило, во поглед на каросериските концепти, во храброста да се применат различни решенија, во практичните изуми. Затоа не изненадува што во тој период се појави и за многумина најоригиналниот модел на Suzuki во историјата.

X-90 беше двосед на база на Vitara, со отстранлив тарга-покрив, стандардно со погон назад и со многу опрема. Од денешно гледиште, тешко е да се поверува дека производителите навистина биле толку смели и самоуверени, да излезат на пазарот со крајно необични модели, без барем приближна претпоставка како луѓето би реагирале. Тогаш немаше „тизери“ и „протечени“ фотографии на социјалните мрежи, при премиерата на новите модели на големите салони секогаш постоеше неизвесност како ќе реагира публиката. Токму тие необични модели денес се ценети и вредни јангтајмери.

Во средината на 1990-те години пристигна Baleno, во лимузинска и комбилимузинска изведба. Тоа беше првпат Suzuki да понуди „обичен“ модел во компакт класата. Јапонците почнаа да продаваат повеќе патнички автомобили, отколку теренци. Моделот постигна фантастичен успех, следеше и комби изведба. Но, на креативците во Хамамацу веројатно им стануваше здодевно.

Добро сочувани примероци од специјалната серија со името на Филип Кусто денес постигнуваат цени над 7.000 евра

На салонот во Франкфурт во 1996 година, на неговото 56-то издание, Suzuki ја претстави Vitara X-90. Концептот на моделот се водеше како „fun car“, автомобил за забава. Дводелниот стаклен покрив се отстрануваше едноставно и лесно се одлагаше во багажникот. На тој начин, двоседот на база на Vitara се претвораше во еден вид теренска-тарга.

Како марка што во тоа време беше горда и на својот Swift GTi – домашните љубители на мотоспортот ги познаваат малечките, лесни и недостижно брзи „свифтови“ од ридските трки во тие години – необичниот X-90 поседуваше пристојна спортска нота, со добро профилирани седишта и подвозје дотерано за динамично возење. Целиот „пакет“ го заокружуваше 1,6-литарски мотор со 97 КС и вртежен момент од 132 њутнметри при 4.000 вртежи.

Понудата ја дополнуваше изведба со погон на сите тркала и можност за избор на автоматски менувач со четири степени. Во стандардната верзија, спринтот до темпо сто траеше 15 секунди, а крајната брзина изнесуваше 140 km/h.

Vitara X-90 беше опремена мошне богато според тогашните стандарди: Две воздушни перници, електрика на прозорци, централна брава, сервоуправување, заден спојлер, широки гуми. Во топ-нивото следеа уште АВЅ, алу-бандажи, клима уред, кожени седишта.

Моделот се произведуваше само неколку години, но тој остана присутен на сцената многу подолго. Во продолжение избор од неколку објави на инстаграм, кои сведочат колку X-90 е активен на сцената дури и по повеќе од 20 години:

https://www.instagram.com/p/B3pIfQkHzOr/

https://www.instagram.com/p/B7d6OhZDFd1/

https://www.instagram.com/p/B6-s1o9FmsY/

https://www.instagram.com/p/B6EJMiYFmBs/

https://www.instagram.com/p/B2_nUavHi7O/

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes A Class Sedan profi

Mercedes со деветта рекордна година, број 1 во премиум сегментот

Ми-Да Гранд Моторс свечено го одбележа новиот старт на Hyundai

Ми-Да Гранд Моторс свечено го одбележа новиот старт на Hyundai