Stellantis ги разгледува можностите за соединување со кинеска компанија за електрични возила. Таа треба да му овозможи на вториот најголем производител на автомобили во Европа, да го зајакне своето присуство на најголемиот пазар за автомобили во светот.
Концернот на Peugeot и Fiat, каде што спаѓаат уште Jeep, Citroen, Opel и уште десетина марки, ги проверува можностите за соработка со кинеските производители на електрични возила. Меѓу можните партнери се спомнува и Zhejiang Leapmotor Technologies. Засега нема официјални соопштенија од компаниите, информациите се темелат на извори што сакаат да останат во тајност.
Следејќи ги чекорите на своите соперници, Stellantis разгледува најразлични можности, почнувајќи од инвестирање во локален производител на електрични возила, до бизнис соработка којашто ќе му помогне на концернот да се пробие поубедливо на пазарот во Кина. Во тек е испитувањето на сите можности, уште не е донесено конечно решение.
Уште неколку светски производители на автомобили, вклучувајќи ја Volkswagen Group, исто така искажаа интерес за можно спојување со Leapmotor. Агенцијата Ројтерс во почетокот на месецов објави дека VW е во преговори со Leapmotor.
Партнерството би се вклопило совршено во стратегијата на „asset-light“ (помалку фабрики) што извршниот директор на Stellantis, Карлос Тавареш, ја постави за Кина. Компанијата во минатата година го запре производството во фабриката на Jeep, којашто е единствена фабрика на Stellantis во Кина, со намера за целосно прекинување на производството во земјата.
Тавареш во јули изјави дека е среќен со неговата одлука да го смали капацитетот на целиот концерн, велејќи дека ривалите Volkswagen и General Motors се „под притисок” во Кина, додека тамошните производители на автомобили ги намалуваат цените.
Stellantis има заедничка инвестиција со Dongfeng Motor Group, преку којашто се продаваат модели на Peugeot и Citroen во Кина. Новиот директор за финансии на автомобилскиот гигант, што се создаде во 2021 година, со соединувањето на Fiat Chrysler и француската PSA Group, во јули кажа дека Кина е од клучно значење, поради значењето што го има земјата во преоѓањето на електрични возила.
Stellantis is weighing options for a tie-up with Chinese EV makers such as Leapmotor that could include investment and a business partnership that would help it grow in the country. https://t.co/hDpfhEyU3C
— Bloomberg (@business) August 23, 2023
Глобалните производители на автомобили го меркаат кинескиот пазар на електрични автомобили, барајќи начин да го прошират своето присуство во втората најголема економија во светот.
VW во минатиот месец кажа дека планира да вложи 700 милиони долари во Xpeng, за заеднички да се развиват електрични возила во Кина.
















