Стелантис верува дека достапните ЕВ ќе го спасат концернот од казните на ЕУ

Стелантис очекува да биде над минималниот број на продадени електрични возила што производителите ќе мораат да го постигнат од следната година, откако ќе стапат во сила новите и построги норми за емисија на ЦО2 во Европската Унија. Оваа самоувереност се должи на високата побарувачка за најновиот електричен модел на концернот, Ситроен е-Ц3, кажува финансискиот директор Даг Остерман.

Нарачките за новиот Ситроен е-Ц3, модел од градската класа, што на македонскиот пазар почнува од 26.990 евра, исто како и високата побарувачка за електричните изведби на Пежо 3008 и 5008, се „далеку над тоа што треба да го постигнеме како минимален процент од продажбата“, кажа Остерман за време на конференцијата на Голдман Закс на 4-ти декември.

ЕУ од следната година ќе бара производителите на автомобили да ја смалат просечната емисија на ЦО2 на продадените возила на 93,6 грами по километар, од 115 грами што важат годинава.

Стелантис пресмета дека 24 проценти од вкупната продажба на нови автомобили во ЕУ во 2025 година мора да отпаѓа на целосно електрични модели, за да се задоволат строгите барања на ЕУ. Автомобилите со погон на струја учествуваат со 11 проценти во продажбата во првите десет месеци, според податоците од Датафорс.

Концернот стартува со продажба на нова генерација на електрични автомобили со многу подостапна цена, што ја предводат Ситроен е-Ц3, Фиат Гранде Панда и Опел Фронтера. Сите овие модели се конструирани врз платформата Смарт Кар на Стелантис. Еден од начините на коишто се постигнува цената на овие модели да биде под 25.000 евра е користењето батерија со литиум-јон фосфат (ЛФП), чиешто производство е поевтино во споредба со класичните батерии.

Остерман потврди дека Стелантис се соочувал со доцнење во почетокот на продажбата на новите модели врз платформата Смарт Кар.

„Искрено, во овие нови возила има многу софтвер,“ кажува Остерман. „Гледавме дека голем број од нашите конкуренти се соочуваат со проблеми токму со софтверот. Ние исто така не бевме имуни на тоа.“

Стелантис веќе почна со продажба на е-Ц3, прв модел врз платформата Смарт Кар. Тоа е вториот најпродаван малечок електричен автомобил во Европа во октомври, со продадени 2.029 примероци, зад Пежо е-208.

Остерман потсети дека Ситроен „во блиска иднина“ ќе понуди изведба од е-Ц3 со помала батерија за 20.000 евра.

„Но, прво треба да ја почнеме продажбата на Ц3 Еркрос, Опел Фронтера, Фиат Гранде Панда, коишто ни се многу важни автомобили. Сите тие ќе бидат пуштени во продажба во следните неколку месеци,“ порачува директорот. „Сé дотогаш ќе мораме да се справуваме со тој мал кусок во пазарниот удел“, додаде Остерман, признавајќи дека концернот е послаб во сегментот на малечките и компактните модели во Европа.

Стелантис лансира и модели врз платформата СТЛА Медиум, почнувајќи со СУВ-моделите Пежо 3008, 5008 и Опел Грандланд.

Сите модели врз новите платформи на Стелантис се достапни во изведба со целосно електричен или хибриден погон. Тоа на концернот му дава флексибилност за производството да го организира зависно од побарувачката. „Се покажува дека тоа е навистина погодена стратегија“, цени Остерман.

„Стелантис сé уште е производител со највисок степен на флексибилност во уделот на електричните возила,“ оценува аналитичарот на УБС, Патрик Хамел. Стелантис е единствен европски производител чијшто акции добија висока кредитна оцена од УБС, меѓу другото и поради тоа што експертите оценија дека концернот навистина ќе успее да ги исполни лимитите на ЕУ в година.

Наспроти тоа, швајцарската инвестициска банка оцени дека концернот Фолксваген има најмалку изгледи меѓу европските прозиводители, да ги исполни барањата на ЕУ. УБС предвидува дека мерките што Фолксваген ќе мора да ги преземе, за своите големоволуменски марки да ги доведе во согласност со новите барања на ЕУ, ќе го чинат концернот 2 милијарди евра. Тоа вклучува и смалување на маржата, за да се забрза продажбата на електрични возила, како и плаќање за услугата на производителите со пониска емисија на ЦО2 (пр. Тесла), за емисијата на ЦО2 на возилата на концернот да се префрли кај нив.

Видеото од тестот на Ситроен Ц3

Претходна објаваФиат повторно е најпродаваната марка на концернот Стелантис
Следна објаваМерцедес го ангажира поранешниот финансиски директор на Континентал, постави нови директори за продажба

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here