Вкупната испорака на возила на концернот Стелантис на светскиот пазар во третото тромесечје пораснала за 13 проценти, што е заслуга на воведувањето нови модели и на зголемената побарувачка во Северна Америка.
Доаѓаат први знаци дека закрепнува бизнисот на концернот на ПСА и Фиат Крајслер, откако во претходните неколку тримесечја имаше постојан пад во продажбата.
Производителот на автомобили процени дека во периодот од јули до септември испорачал 1,3 милион возила на светските пазари. Меѓу марките на Стелантис се Џип, Пежо, Фиат, Опел и РАМ.
Конечните податоци за испораките во третото тромесечје и за прометот се очекува да бидат објавени на 30-ти октомври.
Испораките на пазарот во Северна Америка се вивнаа за 35 проценти, на 403.000 возила, што во најголема мера се должи на почетокот на продажбата на Рам 1500 со мотор Ве-8 и на нормализирањето на залихите од возила, по прекините во производството во изминатата година. Тоа го објави Стелантис во соопштението од 10-ти октомври.
Овие податоци наведуваат дека концернот Стелантис, со којшто од јуни раководи новиот извршен директор Антонио Филоса, почнува да го враќа својот дел од пазарот, посебно во САД, како еден од најважните пазари за концернот. Огромни залихи од непродадени возила и преоѓања од една во друга моделска генерација, влијаеја врз испораките во претходните квартали.

Новите модели ја зголемија продажбата во Европа
Во Европа е забележан раст од 8 проценти во споредба со третото тромесечје лани, со испорачани 534.000 возила. Четири модели се најзаслужни за тој успех: Ситроен Ц3, Ситроен Ц3 Еркрос, Опел Фронтера и Фиат Гранде Панда, што не беа достапни во истиот период лани.
Уште има простор за подобрување во продажбата на доставни возила и треба да се поттикне продажбата на некои од главните пазари во Европа, додаваат од Стелантис.
Испораките во Јужна Америка се во пад од 3 проценти, со 252.000 возила. Стелантис го образложува тоа со високата продажба во истиот период лани, кога компанијата ги продолжи испораките, по поплавите што ги предизвика Рио Гранде до Сул.
















