Дизел моторите стануваат неважни на автомобилскиот пазар. Ако на неодамна завршениот салон ИАА во Минхен се тргнеше во потрага по новина кај дизел моторите, тоа бараше темелно истражување.
Меѓу малкуте вести од светот на дизел моторите, беше тивкото спомнување дека Алфа Ромео ќе вклучи изведба со дизел мотор од својот компактен СУВ-модел Тонале. Тоа нема да смени многу на пазарот, покрај слабата продажба на некогаш моќната италијанска марка.
Наспроти тоа, дизел моторот е сосем неважен на пазарите ширум светот. Европа е последниот бастион на дизелот. Но, и тука работите се движат надолу.
Помалку нови дизели отколку електрични автомобили
Во првите седум месеци од 2025 година, во ЕУ се регистрирани 615.548 нови автомобили со дизел мотор. Тоа претставува пад од 26,4 проценти. Одвај еден од секои десет продадени нови автомобили (9,5%) користи дизел. Тоа е дното.
Меѓу причините за падот на дизелот, покрај напредувањето на електрификацијата, спаѓа и дизел скандалот во 2015 година. Дури и во некогашното дизел-кралство Германија, продажбата постојано опаѓа. Во 2014 година, околу 17 проценти од новите автомобили биле дизели, а од јануари до август годинава, уделот падна под 15 проценти. Во септември биле одвај повеќе од 12 проценти.
Тоа значи дека по патиштата се појавуваат повеќе нови електрични автомобили, отколку нови дизели. Но, дизелот останува неизоставен дел од пазарот. На европскиот пазар, каде што секоја година се продаваат далеку над еден милион автомобили со дизел мотор, производителите секако дека не сакаат да го изгубат тој дел од пазарот.

Ауди и БМВ продолжуваат да продаваат дизели
Тоа важи и за Ауди. „Во Европа и натаму наидуваме на висока побарувачка, со нашата широка понуда од модели со ТДИ“, изјави претставничка за Аутомобилвохе.
Марката со прстените во моментов нуди мотор ТДИ во сите свои моделски серии, со исклучок на А1. Тој сепак престанува со производство в година.
Премиум-конкуренцијата во Минхен и Штутгарт и натаму се раководи според мотото: Пазарот да се одржува, се додека има пазар. БМВ од 2024 година нуди дизел мотор во сите свои моделски серии, меѓутоа секогаш напоменува гласно дека на купувачите им нуди избор од сите видови погон.
Мерцедес-Бенц си го почитува дизелот
Во БМВ важи ставот дека не сакаат да ги разубедуваат клиентите во својот избор. Дизелот и натаму е важен погон.
И БМВ и Мерцедес-Бенц развиваат нови модели со дизел мотор, што ја исполнуваат строгата норма за издувни гасови Еуро 7. Од Штутгарт порачуваат: „Електрифицираниот дизел мотор е важен составен дел од нашата понуда, посебно во Европа. Тука во 2024 година речиси секој трет продаден автомобил на Мерцедес-Бенц, поседуваше дизел мотор.“
Најголеми пазари на дизелот се Германија, Италија, Шпанија, Велика Британија и Полска. Надвор од Европа, погонот постигнува незначителен удел само во Јапонија, Мароко, Австралија и Јужна Африка. Во Северна Америка, по дизел скандалот пред десет години повеќе никој не сака да слушне за овој вид погон.
Пазарите се следат будно
Фолксваген и Ауди веднаш по скандалот ги повлекоа дизелите од Северна Америка, Мерцедес го направи потегот во 2017 година, а БМВ беше последен и означи крај во 2019 година.
Германските производители иако не се откажуваат од дизелот, будно следат дали и натаму постојат услови за оваа погонска технологија да ја нудат на одредени пазари. Тоа е неизбежно, покрај непредвидливоста што владее на денешниот пазар.
Видеото од тестот на БМВ Икс 3 со дизел мотор во Аутомедиа
БМВ се залага за ХВО100
Тешко е да се предвидат случувањата. БМВ во 2024 година, на големо изненадување, наиде на раст во продажбата на возила со дизел мотор.
Настрана од тоа, БМВ се залага за дизел горивото ХВО100, околу коешто постојат бројни контроверзи. Од јануари 2025 година, БМВ за сите модели со дизел мотор што ги произведува во Германија, одржува презентација пред дилерите, како моторот работи со ова гориво што се добива од отпадно масло од ресторани и од животински масти.
















