Мерцедес и Стелантис заинтересирани да вложат во рудникот за литиум во Србија

Претседателотна владата на Србија, Милош Вучевиќ, го испраќа канцеларот Шолц на аеродромот во Белград (фото: Слободан Миљевић)

Србија и Европска Унија потпишаа рамковна спогодба за снабдување со важните суровини, во време кога нашиот сосед очекува планираниот рудник за литиум да прерасне во регионален центар за производство на електрични возила.

Проектот добива поддршка од српскиот претседател Александар Вучиќ, кој во Белград на 19-ти јули потпиша договор со германскиот канцелар Олаф Шолц. Тоа се случува откако во минатата седмица беа обновени плановите, за проектот на светскиот рударски гигант Рио Тинто Груп, во вредност од 2,4 милијарди долари, да прерасне во најголем рудник за литиум во Европа.

ЕУ бара начини да обезбеди ланец за снабдување со суровини за електрични автомобили во Европа, со цел да се оттргне од зависноста од увозот од Азија.

Претставници на групацијата Мерцедес-Бенц и на концернот Стелантис, коишто се партнери во заедничкиот проект АЦЦ, во Белград исто така потпишаа писмо на намери за да вложат во проектот за обезбедување производство на батерии за електрични возила.

Разговорите се чекор напред во заживувањето на рудникот Јадар на Рио, којшто Србија го блокираше пред две години, откако во бројни градови ширум земјата се случија масовни протести, во коишто цели градови останаа блокирани.

Мерцедес е потенцијален корисник на литиумот од Србија и ќе подржи поголем дел од ланецот на вредност во производството на батерии да биде префрлен во земјата, изјави извршниот директор Ола Келениус во Белград на 19-ти јули.

„Тие градат мошне современ рудник и ние сме потенцијални корисници. За тој да биде исплатлив, секако дека ние ќе учестуваме во ланецот на создавање дополнителна вредност во земјата,“ кажа Келениус.

„Веројатно во производството на батериски ќелии… ние ќе го подржиме тоа,“ кажа Келениус, додавајќи дека производителите на ќелии ќе го имаат конечниот збор.

Од Стелантис не коментираа за плановите со литиумот.

Шолц на 19-ти јули ја бранеше планираната зделка со Србија и кажа дека рударскиот проект нема да има негативно влијание врз животната средина во регионот.

Луѓето не може да се жалат дека ископувањето одредени минерали е сведено на само неколку земји – „меѓу кои спаѓа многу голема земја од Истокот“ – и во исто време да се противат на новите рударски проекти во Европа, изјави Шолц за новинарите во Лондон, пред истиот ден да отпатува за Белград. Ископот ќе се врши на тој начин што нема да предизвикува „суштинска штета врз животната средина,“ додаде канцеларот.

Создавањето поширока индустрија за литиум – место само да се извезуваат суровини – беше клучното барање на владата на Србија, за да го поддржи проектот Јадар, во намерата на државата да создаде дополнителна вредност од своите природни ресурси.

Доколку рудникот добие зелено светло, тоа ќе биде голем поттик за Рио, за економијата на Србија, и ќе биде клучен фактор за намерите на Европа да обезбеди снабдување со суровини што се неопходни за покривање на енергетската трансформација.

Независност од Азија

Европска Унија е целосно зависна од увозот на материјали што се неопходни за производство на батерии. Унијата се заложи за развој на сопствен ланец за снабдување за ЕВ, за да ја смали зависноста од увозот од Азија, иако отежнатото преоѓање на ЕВ доведе до тоа, низа проекти да производство на батериски ќелии да бидат ставени во мирување.

Тоа ги вклучува Мерцедес и Стелантис, коишто ги замрзнаа плановите за две од своите три фабрики за батерии во Европа, вредни вкупно 7 милијарди евра, откако побарувачката за електрични возила подзабави зад очекувањата. Иако Европа работи на создавање на своите шампиони за батерии, индустријата останува зависна од суровините и од ланецот за снабдување со компоненти, каде што доминира Кина.

Првичниот пакт потпишан на 19-ти јули предвидува воспоставување на индустрија за обработка, како и производство на батерии, кажа Вучиќ. Тоа ќе обезбеди производство на материјали, како и на електрични возила, што нема да бидат оптоварени со високи царински давачки, како што тоа е случај со електричните возила од Кина.

Протести за планираниот рудник

Проектот на Рио се чинеше дека е пропаднат во почетокот на 2022 година, кога владата направи обиди да го блокира истиот.

Компанијата го објави проектот во 2021 година, без претходно да ги има обезбедено сите потребни лиценци, и тој набрзо прерасна во политички проблем. Проектот беше напаѓан и од активистите за заштита на животната средина и од опозицијата. Илјадници протестанти излегоа на улиците кон завршетокот на 2021 година.

Рио сепак продолжи да работи на проектот, соработуваше со општинските власти и вложуваше напори за јавноста да се убеди дека проектот не е штетен за животната средина. Во исто време се бараше и подршка од водечките производители во Европа, за да помогнат во развојот на индустријата во земјата.

Вучиќ повеќепати искажуваше жалење за задржувањето на проектот, напоменувајќи дека била пропуштена можност да се забрза српската економија. Во минатиот месец, тој најави можност дека властите наскоро ќе ѝ одобрат на англо-австралиската компанија да продолжи со подготовките, за рудникот да се отвори во 2028 година.

Овие обиди добија огромен поттик во минатата седмица, кога уставниот суд на Србија го укина владиниот декрет, со којшто во 2022 година беше блокиран проектот.

Продолжувањето со проектот ќе биде голема победа за извршниот директор на Рио, Џејком Стаусхолм. Тој даде одобрение на рудникот, како еден од неговите први големи чекори по преземањето на шефовското место, но набрзо потоа почна да биде напаѓан поради тој чекор.

Претходна објаваРено назначи поранешен директор на Ферари да раководи со развојот на техниката
Следна објаваМагазинот Тајм ја вброи Киа меѓу 500-те компании со посебно внимание кон животната средина

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here