за

Првиот триумф на новиот Kia Sportage: Поевтин и поопремен од Hyundai Tucson

Претходникот замина шампионски од салонот, со титула на најпродаван автомобил во Македонија во 2021 година. Kia Sportage вози во нова генерација, веќе ја има и првата победа.

Kia Sportage е „институција“ на македонскиот автомобилски пазар, на премиерата во минатиот месец во Киа Моторс Македонија беше официјално објавен податокот дека моделот во својата четврта генерација се продал во повеќе од 1.100 примероци. Како се покажува моделот од новата генерација, со фабрички код NQ5, на пример, во конкуренција со технички сродниот Hyundai Tucson?

Важната генерациска смена се случи, Kia Sportage во петтата генерација стартуваше со продажба во Македонија. Само во првите десетина денови по премиерата биле регистрирани преку 200 посети на салонот, од купувачи што покажале интерес за моделот. На тест возењата на бензинската и дизел изведбата се покажа големо напредување на компактниот СУВ, во насока на префинетост. Тоа важи и за подвозјето, и за звучната изолација на кабината, што е изведена потемелно од кога било досега, поради воведувањето на приклучните хибридни изведби во гамата, важи и за чувството во внатрешноста.

Изведбата со 1,6-литарски атмосферец со 132 КС/6300 min-1 и директно впрскување од претходниот модел, во Sportage NQ5 е заменета со 1,6-литарски турбо бензинец со 150 КС/5500 min-1. Разликата се гледа уште подобро во вртежниот момент: 161 Nm при 4.850 вртежи кај претходникот, наспроти 250 Nm при 1.500 вртежи кај новиот Sportage. Тоа се два различни светови што ги делат моторот G4FD (1591 ccm) на претходникот и моторот G4FP (1598 ccm) на новакот.

Каросеријата порасна во должина за 3 сантиметри, во ширина за 1 сантиметар, во висина има екстра 1,5 сантиметар. Еден, но вреден сантиметар екстра е добиен и во меѓуоскиното растојание. Во багажникот пак има огромен напредок, 591 литар наспроти 503 литри, односно максимално 1780 литри наспроти 1492 литри.

New item by Automedia MK / Google Photos

На споредбата со претходната генерација ќе се навратиме во друга пригода. Тоа што сега нé интересира е најчувствителното прашање: Како стои Kia Sportage наспроти Hyundai Tucson, во поглед на цените и опременоста? Одговорот е многу очигледен, впрочем и насловот открива каков е исходот. Киа Моторс Македонија понуди поопремен и „поевтин“ основен модел, од соодветниот модел на Hyundai.

Што е тоа што Kia Sportage го нуди во основниот пакет повеќе од Hyundai Tucson?

Sportage стартува на македонскиот пазар по цена од 24.900 евра, Tucson од 25.500 евра. Тоа можеби и не е преголема разлика во цената, меѓутоа разликата во опременоста е сé освен незначителна. За Hyundai да му парира на основниот модел на Kia Sportage, треба да се посегне добро по средината од понудата на Tucson. Неколку важни ставки што Kia Sportage ги поседува од старт, кај технички сродниот Tucson се добиваат дури во највисоките нивоа на опрема, на пример во нивото Premium што чини 29.7000 евра со 1,6-литарецот со 150 КС.

Hyundai поседува камера во основниот пакет Comfort, тоа е точно. Кој ќе се загледа во камерата возејќи наназад и комотно ќе додава наназад чекајќи да се јават сензорите, може да доживее непријатно и скапо изненадување. Задната камера во Tucson не се добива заедно со сензори. Тоа е домен на Sportage, каде што следува комплетна постава, камера и сензори напред и назад. За сензори во Hyundai треба да се посегне по второто ниво на опрема, по Style, коешто чини 1.200 евра над основното.

New item by Automedia MK / Google Photos

Драстична е разликата во кокпитот. Многу очигледна разлика, што цело време ќе стои пред очи. Sportage доаѓа со дигитални инструменти од 12,3 инчи и со средишен дисплеј со исто толку раскошен формат. Тоа се 31 сантиметар дисплеј, поточно два такви дисплеи. Tucson парира само со средишен дисплеј, со скромен формат од 8 инчи (ca. 20 сантиметри).

Разликата ќе се чувствува и во „воздухот“. Додека Kia Sportage располага со автоматски клима уред, па згора на тоа и со три зони на контрола, вклучувајќи ја и задната клупа, Hyundai доаѓа со мануелен уред. За Tucson да понуди слична комоција како Sportage, треба да се посегне дури по нивото Premium, што со мотор 1.6 чини 29.700 евра.

Луксузниот формат на средишниот дисплеј не доаѓа само како физичка големина, туку има и суштинска разлика. Во Kia функционира и навигација, подршка за поврзување преку Apple Carplay и Android Auto. Навигацијата во Hyundai се добива во нивото Vision, со цена од 28.800 евра.

New item by Automedia MK / Google Photos

Сензор за дожд? И тоа отсуствува во Tucson, за да се добие таа основна комоција, треба да се посегне по повисоко ниво на опрема, односно по Style, коешто чини 1.200 евра. За внатрешен ретровизор со самозатемнувачки ефект при силно светло одзади, во оваа марка исто мора да се посегне по највисоките нивоа, по Premium. Истото важи и за лумбарно нагодување на возачкото седиште.

Собирање на ретровизорите во Hyundai следи во нивото Style, кај Sportage и тоа е стандард. Затемнети задни стакла, кровни носачи, многу нешта недостигаат во стартниот модел во гамата.

Како е можно да постои толкава разлика во опременоста, а со тоа и во противвредноста што се добива за вложените пари во автомобилот?

Објаснувањето е многу едноставно. Менаџерскиот тим во Киа Моторс Македонија самостојно составува опременост и уште многу други ставки што се важни за автомобилот, за Sportage да одговара на барањата и на потребите на македонските возачки и возачи. Статусот на увозник дозволува директна комуникација со европската централа на Kia во Франкфурт и преговарање околу спецификацијата, околу испораката. Тоа е привилегијата на Kia на македонскиот пазар.

New item by Automedia MK / Google Photos

Наспроти тоа, Hyundai во Македонија се продава со дилерски статус, со спецификација што е преземена од некој соседен пазар, односно некоја регионална спецификација. Затоа се случува таа недореченост. Во многу позиции, ценовникот на Hyundai е нетранспарентен и премолчува бројни ставки, а купувачите ќе дознаат за тоа дури при испораката.

New item by Automedia MK / Google Photos

Уште една мајсторија, зошто Kia Sportage се покажува супериорен во оваа споредба во рамките на групацијата со Hyundai. Sportage воопшто не е основен модел, туку во првите неколку месеци по пазарниот старт се нуди во посебно скроен пакет First Edition. По тие неколку месеци, тимот на Киа Моторс Македонија пак ќе осмисли некој следен „Edition“. Така било и досега, во претходните генерации на Sportage секогаш имаше по некоја екстра-серија, што нудеше повеќе. Така и претходникот ја заокружи шампионската кариера, со фамозната Black Edition.

Сепак се дознаваат многу корисни и важни нешта кога ќе се погледне подлабоко во спецификацијата на моделите. Марките се градат, некои повеќе, некои помалку.

Сите модели на Kia што се во понуда на македонскиот пазар, со цени и детални технички податоци, како и можност за споредба, можете да ги погледнете на нашиот онлaјн-каталог Автосалон МК, на следниот линк https://avtosalon.mk/inventory/?marka=kia

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Без чекање за испорака на Opel: Нова кампања на Еуроимпекс

Cupra подготвува наследник на Ateca, дизајнот различен од Seat