за

Seres станува вистинска светска марка, нови пазари за кинеските електричари

По големата испорака на електрични возила за пребирливиот германски пазар, следен важен пазар за кинескиот електро-специјалист Sokon е Северна Африка.

Во филмската Казабланка почнуваат да се одвиваат оптимистички сцени за марката Seres, којашто е дел од кинескиот Sokon и специјализирана е за возила со чисто електричен погон. Пазарот во Мароко ќе послужи како пример, за останатите пазари во регионот на Северна Африка да фатат приклучок со светскиот електричен бран во автомобилизмот.

Seres солидно се одомаќинува на релативно големиот автомобилски пазар во Мароко. Во последната нормална година за автомобилската индустрија, во 2019 година, во северноафриканската земја се продадоа повеќе од 160.000 возила. Тоа што Dacia предводи на мароканскиот пазар изненадува најмалку, имајќи предвид дека Романците уште од самиот „нов“ старт на марката под капа на Renault, го имаа зацртано Мароко како еден од главните пазари за масовно ширење на пазарното присуство.

Покрај традиционалните играчи, од рангот на Peugeot, Opel, Volkswagen и Renault, во последно време таму станува сé погласна една свежа марка на светскиот пазар, чијшто стратези исто така го избраа Мароко како пазар за докажување и освојување. Таа марка има дополнителни предизвици, затоа што нејзините возила користат чисто погон на струја. Кинеската марка Seres, дел од Sokon, во иднина ќе биде присутна уште помасовно во јавноста во земјата. Во групацијата Sokon, марката Seres се води како премиум марка.

Во Мароко, во Казабланка, електричната марка Sokon отсега е во редовна продажба, исто како секоја (обична) марка. Значајноста на настанот за марката во глобални рамки ја потврди и присуството на генералниот директор за увоз и узвоз на Chongqing Sokon, Жанг Шингјан.

Тоа што прави ширењето на Sokon на светскиот пазар да биде релевантно и за македонскиот пазар, е фактот што марката веќе извесно време се нуди и на нашиот пазар, преку увозникот АБЦ Бротхер. Познатата компанија на домашната сцена своевидно ги привилегира македонските возачки и возачи, затоа што возилата пристигаат во Македонија без какво било посредство, директно од производителот, исто како што тоа важи за германскиот или холандскиот пазар.

Освен во Германија и Шпанија – во Македонија исто така – марката електрични возила Sokon е присутна и во Франција, Италија, Израел и уште неколку држави

Европската сцена стана повеќе свесна за марката откако лани беше испорачан солиден контингент електрични СУВ-возила од Sokon за пребирливиот германски пазар. Кусо потоа следеше и контингент од 100 електрични возила наменети за шпанскиот пазар, што исто така се буди за електричниот погон – тоа и не треба да изненадува, покрај изобилството од сончеви часови, за фотоволтаични панели за масивно производство на електрична енергија.

Мароко е прва станица од дебито на марката Seres на африканскиот континент. Според директорот за извоз, Жанг Шингјан, почетокот на продажбата на марката Seres претставува „клучна пресвртница во унапредувањето на марката и во усовршувањето на понудата на групацијaта Sokon во Мароко, како и одлично погоден момент за брза изградба на темелите на марката Seres и зголемување на пазарниот удел.“

Стратешката одредница на групацијата Sokon е солидно втемелување на извозните пазари и стекнување доверба, што ќе води кон зголемување на пазарниот удел и зајакнување на влијанието на клучните автомобилски пазари.

>>> Тест: DFSK Glory 580 · Колата што сите ја гледаме, но ја мислевме за друга

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Шефот на Audi очекува електромобилноста да доведе до нови фузии

Škoda произведе 100.000 возила со електромотор во погонот