Шкода со 16 возила ја прикажува својата 130-годишна историја на Ретромобиле

Годинешниот настап на Шкода на саемот за олдтајмери Ретромобиле во Париз е во знак на 130-годишнината од првотo произведенo превозно средство на чешката марка. Во соработка со својот француски огранок, Шкода изложува 16 експонати од три различни векови, што говори за богатата традиција на производителот од Млада Болеслав.

Настанот привлекува околу 130.000 посетители и се вбројува меѓу најпрестижните саеми за олдтајмери во светот. На 49-то издание на Ретромобиле, што се одржува на Порт де Версај, Шкода годинава има двојно поголем штанд од порано, имено 500 метри квадратни.

Изложбата се навраќа до корените на Шкода во доцниот 19-ти век, коишто се прикажани преку реплика на велосипедот Славија на Лорин и Клемент од 1897 година. Веднаш покрај него се наоѓаат два историски мотоцикли: Двоцилиндарскиот БЗ од 1903 со зафатнина од 331 сантиметри кубни и 60 км/ч највисока брзина, и ЦЦР од 1905 година, којшто претставува сведоштво за напредокот на Шкода во констурирањето мотоцикли.

Секако дека не отсуствува и првиот автомобил на Шкода, тоа е Лорин и Клемент Воитурет А. Производството почна на 29-ти октомври 1905 година, со двоцилиндарец од 1.100 сантиметри кубни и моќност од 7 КС, со брзина до 40 километри на час.

Основачите Лорин и Клемент го произведоа првиот автомобил Voiturette Type A во 1905 година

Златната ера: Од 1920-те до 1940-те години

Шкода Л и К 110 од 1929 година го претставува времето кусо по спојувањето на Лорин и Клемент со индустриската групација Шкода во 1925 година. Оттогаш автомобилите го носат името Шкода.

Меѓу останатите обележја на изложбата е Шкода Популар Спорт Купе од 1934 година, изработено во само 20 примероци. Возилото од неодамна е во сопственост на музејот и за неколку недели почнува целосно реставрирање. Друг експонат од оваа епоха е Шкода Рапид ОХВ од 1940 година. Тоа е сестрински модел на Популар, со аеродинамична каросерија и способност за 110 км/ч.

Славното трио модели на Skoda од периодот пред војната: Superb, Rapid, Popular

Практични модели по војната, убавица меѓу кабриолетите, редок теренец и една филмска ѕвезда

Четири возила од втората половина на 20-от век даваат широк преглед на развојот на марката Шкода во тоа време. Шкода 1201 СВ се изработуваше во повеќе каросериски изведби, а на парискиот саем е прикажана доставната изведба од 1958 година.

Шкода Фелициа од 1961 година, задвижувана од мотор од 1.089 сантиметри кубни со моќност од 50 КС, претставуваше икона на елеганцијата во 1960-те години. Крајната брзина: 160 км/ч.

Посетителите на штандот на Шкода ќе ги пречека и повеќенаменското возило Шкода Трека, произведувано од 1966 до 1973 година во Нов Зеланд, со механика од Шкода Октавиа. Четворката ја заокружува уникат Шкода 110 Супер Спорт Ферат од 1971 година, што е изработена посебно за култниот чешки хорор „Аутовампир“ (Упир з Ферату).

Модерната ера и електричната иднина

Продукцијата на Шкода во 21-от век ја прикажуваат пет модели. Шкода Октавиа ВРЦ (2002) потсетува на богатата традиција во мотоспортот, додека од друга страна Шкода Суперб Тур де Франс од 2005 година е сведоштво на тесната поврзаност на Шкода со професионалниот велосипедизам.

Шкода Јети Екстем Концепт е развиена како салонски експонат со високи перформанси. Како претставник од тековната понуда од модели со целосно електричен погон се прикажани Шкода Ениак и новата Шкода Елрок.

Претходна објаваФерари наесен ќе го прикаже својот прв електричен автомобил
Следна објаваЕлектрична Киа може цел дом да снабдува со струја

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here