за

Премиера во Шкода: Чесите го освежија својот голф-модел и СУВ-пуленот

Камик е најпродаваниот СУВ-модел на Шкода, Скала е победничката кога фирмите пресметуваат кој модел ќе им одговара најмногу за возниот парк. Два многу важни модели, освежени.

Новите автомобили денес не изгледаат едноставно. Камик и Скала дури изгледаат отмено, иако тоа се автомобили што се на првото скалило над основниот модел на Шкода. Тоа е првиот впечаток од претставувањето на двата новитети во салонот на чешката марка. Главните новини се во изгледот и во материјалите, но секако дека се зафатило и во сите останати подрачја.

Делот од европскиот пазар што му припаѓа на Камик е најголем. Таму се продаваат најмногу возила и соодветно на тоа е најголем и бројот на модели што таму им стојат на располагање на купувачите. Тоа се модели што спаѓаат во класата на градските автомобили и надградени се во СУВ, односно кросовери. Цената им е меѓу градски автомобил и компакт, тоа им одговара на луѓето.

Од друга страна, Скала е посебен модел на пазарот, затоа што со просторноста и со практичноста спаѓа меѓу Голф и компанија, но со цената, со моторите и со изработката останува поблиску со градската класа. Главно со цената. Тоа е концепт што Шкода го негува уште од Рапид, и главно им се допаѓа на компаниите – и на Британците – затоа што за парите нуди многу повеќе од останатите. Во основа, Скала е моделот што секој вистински познавач на автомобилската сцена ќе им го препорача на пријатели.

Бројките потврдуваат дека Шкода е во право во сé што имаше намера да постигне со Камик и Скала. На пазарот од 2019 година, од двата модели досега се произведени 837.000 примероци. Секако дека Камик пак предничи, со вкупно 576.000 возила, што му носи и тутула на најпродаван СУВ-модел на Шкода. Само лани, Млада Болеслав произведе 107.000 примероци од Камик, наспроти 56.000 примероци од Скала.

Како модел што го воведе тековниот дизајнерски јазик на Шкода, Скала во 2019 година доби одликување Ред Дот за дизајнот, нормално Британците во 2020 година го прогласија за семеен автомобил, во 2021 година стана и службено/флотно возило на Чешка.

Камик посебно им се допадна на Финците кога во 2019 година го именуваат за автомобил на годината, во Чешка беше службен автомобил на 2021 година, во Германија во 2022 и 2023 година победуваше како најдобар увозен СУВ во избор на читателите.

Нов дизајн, нова внатрешност, нови системи за асистенција

Главните зафати се во дизајнот и опремата. Двата модели сега може да се нарачаат со матрични диодни светла. Нови се предниот и задниот браник, изгледот на тркалата, но и маската.

Со промените, Скала доби повеќе спортски изглед, додека кај Камик се нагласи СУВ-карактерот. Шкода пишува по целиот опаш, со големи букви, и со право.

Материјалите се сменети, главно кај облогите на седиштата и кај патосниците. Шкода вложува многу во одржливоста и применува висока технологија за новите материјали да ги престигнат вообичаените материјали, како во поглед на издржливоста, така и на око и на допир.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Од повисоките калси доаѓаат радарски асистент што предупедува при пешак или велосипедист на пат, со активирање самостојно запирање, а се нуди и асистенција за престројување, со сензори што ги следат мртвите агли, за порелаксирано искуство по автопат.

Опременоста е збогатена со безжичен полнач за телефон и УСВ за брзо полнење. За внатрешноста може да се избира меѓу шест варијанти, што се поделени во три линии на опрема. Есенс, Селекшн и Монте Карло. Дигитални инструменти од 8 инчи се стандард, исто и средишниот дисплеј.

Може да се избира меѓу 1,0 TSI со 95 или 115 КС – моторот доби варијабилна работа на двете брегасти вратила, променлива геометрија на турбината и прскалки со 10 отвори – и 1,5-литарец со 150 КС. Двата посилни мотори може да се нарачаат со 7-степен менувач со двојна спојка.

Цената на Камик почнува од 19.330 евра, што е за околу 500 евра повеќе во споредба со претходното моделско годиште, додека Скала, верно на единствената улога што ја има на пазарот, почнува од 18.010 евра. Во најпрестижната изведба, со 150 КС и ниво Селекшн, со менувач ДСГ, Скала чини 23.650 евра, колку градски автомобил од тренди-марка, иако малкумина го гледаат моделот во такво светло.

Шкода ги продава двата модели на повеќе од 60 пазари ширум светот. Наскоро следи тест-возење.

Видеото од тестот на Шкода Ениак

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Електричниот Торес имаше светска премиера во Истанбул

Автомобилскиот бренд „Гили“ отвора салон во Џевахир Мол Скопје