за

Електричниот Торес имаше светска премиера во Истанбул

Торес не е само уште еден СУВ-модел од корејскиот специјалист Сангјонг, сега КГМ, туку е СУВ што ќе се продава и во електрична изведба.

Торес и без електричната изведба со привлече вниманието на сцената, со изгледот што двои од шемата и со името што Сангјонг го има изградено како специјалист за теренски возила. Торес И-Ви-Екс е првиот електричен модел што Корејците го пуштаат во продажба по преименувањето во КГ Мобилити.

На голема свеченост, во присуство на 150 новинари од целиот свет, КГМ, претходно докажан и познат како Сангјонг, за првпат ја прикажа електричната изведба на својот Торес на 7-ми март во Истанбул. Како што соопштува македонскиот увозник Ратола, настанот се одржа во Гранд Тарабија Хотел.

Домаќин на настанот во градот што ги спојува Европа со Азија, беше Хуанг Ки-јонг, директор за меѓународни операции на КГМ. Тој пред новинарите и високите гости кажа дека „Европа за нас е пазар од голема важност, затоа што сочинува повеќе од половина од извозот на КГМ и воедно е пазар во раст, што постигна зголемена продажба за 20 проценти во споредба со 2022 година.“

Именувана Торес И-Ви-Екс, електричната изведба на СУВ-моделот од средната класа ќе почне да се испорачува на првите пазари во Европа во мај. Електромоторот со моќност од 152 кВ/207 КС и вртежен момент од 339 њутнметри ја задвижува предната оска.

Покрај капацитетот на батеријата од 73,4 кВч, мошне веродостојно се чини тврдењето на производителот дека со полна батерија ќе може да се помине пат до 462 километри. Батеријата користи хемија литиум-железо-фосфат.

При возење само во град, според норма може да се очекува на 635 километри досег. Мошне ипресивен е податокот дека архитектурата дозволува полнење со моќност до 300 кВ. Во случај да стои на располагање толку силен почнач, батеријата ќе се наполни од десет до 80 проценти за само 37 минути. Нормално, при половина од таа моќност, треба да се смета на околу час и половина.

КГМ наведува дека со технологијата „Сел то Пак“ се постигнува повисока ефикасност, но и поголема сигурност околу трајноста на батеријата. Корејците гарантираат за батеријата до 10 години – тоа е периодот за којшто се ветува дека капацитетот на батеријата нема да падне под 70% од првичната вредност, многумина погрешно веруваат дека батеријата ќе се расипела веднаш по 10-та година – но се гарантираат и милион километри со таа батерија.

Преку технологијата В2Л, на Торес И-Ви-Екс може да се приклучат разни електрични потрошувачи, па дури и телевизор.

Исто како класичниот Торес, електричниот модел користи напредна платформа, што со меѓуоскиното растојание од 2,68 метри овозможува пристојна просторност во кабината. Багажникот од 703 литри останува непроменет.

Торес И-Ви-Екс располага со дигитални инструменти од 12,3 инчи и средишен дисплеј со истата големина, како и со бројни системи за асистенција, што овозможуваат повисоко ниво на безбедност и комфор.

Во рамките на светската премиера беше опфатено и тест возење до азискиот дел на Турција, до Хотел Каза Лаванда, заради демонстрирање на можностите на електричниот СУВ.

Торес И-Ви-Екс имаше премиера во Кореја во септември и наиде на одличен одѕив, како кај новинарите, така и кај купувачите.

Видеото од тестот на електричниот Корандо

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Стелантис им се придружува на Тојота и Фолксваген, вложува милијарди во Бразил

Премиера во Шкода: Чесите го освежија својот голф-модел и СУВ-пуленот