На култната шведска марка Saab повторно ѝ се заканува стечај. Додека некогашниот ривал од соседството, Volvo, урива рекорди под капа на кинескиот Geely, инвеститорите на Saab никако не се погодуваат.
На сопственикот на Saab, National Electric Vehicle Sweden (NEVS), повторно му се заканува стечај. Еден од добавувачите смета дека претпријатието е несолвентно поради огромните неплатени сметки кон него, додека NEVS го демантира тоа. Оттаму соопштуваат дека фирмата во моментов е неликвидна, но вредноста на капиталот далеку ги надминува обврските. Покрај тоа, во моментов се воделе преговори со два нови инвеститора.
NEVS е шведско-кинеско заедничко вложување, коешто имаше за цел да го продава електричниот Saab 9-3 на кинескиот пазар. Таков модел почна да се развива две години пред General Motors да се збогува со Saab. Пролетоста Saab го претстави старо-новиот 9-3 со конвенционален бензински мотор и го продаваше преку интернет. Во меѓувреме повторно мируваат лентите во фабриката со долга традиција, во Тролхетен.
















