за

Рускиот пазар повторно со над еден милион нови автомобили во 2023 година

Кинеските производители на автомобили владеат со пазарот, откако западните компании си заминаа од Русија.

Продажбата на нови автомобили во Русија постигна голем раст во 2023 година, со вкупно продадени 1,06 милион возила. Тоа го покажаа објавените податоци од руската агенција Аутостат, за индустријата што делумно се поврати од санкциите и од заминувањето на голем број странски производители на автомобили.

Растот од 69 проценти во споредба со преклани, уште е под нивото од 2021 година, една година пред руската „специјална воена операција“ во Украина, кога во земјата беа продадени 1,51 милион нови возила.

Кинеските производители на автомобили ја покриваат побарувачката на пазарот што остана непокриена откако западните компании си заминаа од Русија. Продажбата на кинески автомобили достигна удел од 56 проценти од рускиот пазар. Се верува дека тоа ќе биде воедно и највисок пазарен удел што ќе го достигнат автомобилите од Кина, затоа што во меѓувреме почнува да заздравува домашното производство на возила.

За годинава, Аутостат очекува дека продажбата ќе продолжи да расте, за 18 проценти, и ќе достигне 1,25 милион возила. Според пооптимистичките предвидувања, може да се очекува продажбата да се искачи и до 1,4 милион возила во 2024 година.

Директорот на Аутостат, Сергеј Целиков, кажа дека кинеските и локалните производители може да сметаат на растечка побарувачка во 2024 година.

„Постои желба (кај кинеските производители) да продаваат до 2 милиони на рускиот пазар, а постои желба и од народот за да ги купи тие автомобили,“ кажа Целиков на конференцијата.

Фабриките што мируваа по заминувањето на западните производители, поради Руските зафати врз Украина, веројатно ќе продолжат да работат годинава, додаде Целиков.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Истражители на ЕУ ќе спроведат истрага во фабриките на МГ и БИД во Кина

Австралија врати брод полн со автомобили Тесла, но и со смрдибуби