Рускиот претседател Владимир Путин најави намалување на емисијата на стакленички гасови до 70% во споредба со нивото од 1990 година, како мерка за забавување на климатските промени. Целта треба да се достигне до 2030 година.
Руските научници тврдат дека температурата во земјата се зголемува во поголема мерка отколку во остатокот од светот. Тие се посебно загрижени околу одмрзнувањето на пермафростот во Сибир, од што може да се ослободат гитантски количини на метан што ќе предизвика драстични климатски промени.
Путин ја објави уредбата точно на денот кога САД и официјално истапуваат од Париската климатска конвенција од 2015 година. Конвенцијата на Обединетите Нации предвидува загревањето на земјината топка да се ограничи на два степени Целсиусови, а по можност и на 1,5 степен.
Како најголема копнена површина на Земјата, Русија ги согледува последиците од климатските промени преку одмрзнувањето на пермафростот, но и со температурни рекорди на годишно ниво, со масивни шумски пожари и со поплави.
Претседателот ѝ наложи на Владата да подготви стратегија за социјален и економски развој на Русија до 2050 година, што ќе биде климатски неутрален. Земјата што располага со глобално стратешки количини на гас и нафта, се вбројува меѓу земјите со највисока емисија на јаглероден диоксид.