По 2035 година, во Калифорнија ќе се издаваат нови регистрации единствено на патнички автомобили и доставни возила што не испуштаат ниту грам СО2. Европа сепак предводи во светски рамки и на автомобилите што користат фосилни горива им остава најкус рок.
Норвешка и Холандија поставија најстрога временска рамка. За помалку од пет години, Норвешка ќе дозволи продажба единствено на патнички автомобили, доставни возила и градски автобуси со нулта емисија. Отстапка е можноста автобусите да користат биогас.
Во Холандија по 2030 година исто така ќе може да се издадат регистерски таблици единствено за патнички автомобили со нулта емисија на СО2. Помалку од десет години остануваат и за автомобилите што согоруваат фосилни горива во Данска, Исланд, Ирска, Словенија и Шведска.
Шкотска планира да ја запре продажбата на нови автомобили со обични мотори по 2032 година, додека во Велика Британија има големи изгледи дека плановите за 2040 година ќе се поместат за пет години поблиску и рокот ќе биде до 2035 година. Дури се размислува и таа временска рамка да се скуси, па и островската држава да се приклучи во земјите што ќе стават крај за нови возила што согоруваат фосилни горива во 2030 година.
Франција останува на првичниот план да ги остави новите возила со мотори со внатрешно согорување во продажба до 2040 година. Истото го планира и Шпанија.
Во Северна Америка, најстроги амбиции во поглед на временската рамка има Калифорнија, каде што рокот е до 2035 година. Канадската провинција Британска Колумбија е чекор понапред и бара уделот на електричните автомобили во продажбата да изнесува 10% до 2025 година, по што ќе следат 30% до 2030 и 100% до 2040 година. Во национални рамки, Канада ги постави истите таргети, но уште нема донесено правнообврзувачка одредба.
Во Централна и Јужна Америка, единствено Костарика и Колумбија имаат поставено рокови за возилата со мотори со внатрешно согорување. Костарика им одбројува до 2050 година, додека во Колумбија се планира постепено преоѓање од 10% во 2025 (20% во 2027, 40% во 2029, 60% во 2031, 80% во 2033) до 100% во 2035 година.
Кинеската провинција Хајнан има најстроги временски рамки во Азија и на возилата со дизел и бензински мотор им дава рок до 2030 година. Израелската влада исто така ја поставува временската рамка до 2030 година, со постепено преоѓање на погон на струја за новите возила.
Зеленортските Острови се единствената африканска држава што планира по 2035 година да забрани регистрација на возила со друг погон освен електричен.
Постојат уште бројни најави дека и други држави ќе одредат временска рамка за нови возила со мотор со внатрешно согорување, но тие уште немаат донесено регулатива.
















