Јапонија се подготвува да го импресионира светот со своите технологии за време на Олимпијадата во Токио. Дел од планот се роботските автомобили, коишто посетителите ќе можат да ги користат како дополнување на градскиот превоз. Владата го подржува тестирањето на технологијата, јапонските производители уште годинава ќе започнат со обемни тестови во редовен сообраќај
Роботските автомобили ќе бидат дел од јавниот превоз во Токио за време на одржувањето на Олимпијадата во 2020 година. Јапонската влада даде зелено светло за тестирањето на технологијата за автономно возење да започне веќе годинава. Потоа би следело и воведување на роботските автомобили во редовниот градски превоз во 2022 година.
Јапонскиот премиер Шинзо Абе очекува дека технологијата за автономно возење ќе даде силен поттик на економијата. Од преземањето на премиерската функција во 2012 година, Абе воведе значајни промени, коишто меѓу другото доведоа земјата да биде во континуиран економски раст цели осум квартали.
















