за

Рено и Волво пред договор за електрични комбиња

Рено очекува дека во следните неколку недели ќе постигне договор со Волво за производство на електрични доставни возила.

Рено тестираше прототипи на малечки електрични ванови ИЗИ-Флекс, со корисници во Франција. Намерата е возилото преку соработката со Волво да се донесе до сериско производство.

Новата компанија има намера да пушти во продажба наменски електрични комбиња, што ќе се користат во градски услови на возење. Производството би требало да отпочне во 2026 година во фабрика на Рено.

Групацијата Рено очекува во април да биде потпишан договорот за заедничка компанија за електрични ванови, со производителот на камиони Волво Груп и француската групација за бродски транспорт и логистика ЦМА ЦГМ.

Рено и Волво во минатата есен потпишаа обврзувачки договор да основаат нова компанија, во којашто во почетокот ќе имаат еднакво учество од по 50 проценти. Секој партнер треба да вложи 300 милиони евра во следните три години.

ЦМА ЦГМ тогаш исто така потпиша необврзувачко писмо на намери со Рено и Волво, да се придружи во новата компанија и да вложи 120 милиони евра, преку Пулс. Тоа е фонд за енергетика што е посветен на декарбонизација на транспортот и логистиката.

Трите компании планираат да го објават стартот на заедничката компанија во Париз на 3-ти април.

Компаниите лани објавија дека производството на електричните доставни возила би отпочнало во 2026 година во фабриката на Рено во Сандувил, во северна Франција. Рено откри дека вановите ќе располагаат со 800-волтна архитектура, за брзо полнење.

Вановите беа најавени во 2021 година, како дел од Мобилајз, огранокот на групацијата Рено за услуги за мобилност. Тие се наменети за достава во градски средини, за компании за рентакар и за мали бизниси.

Пазарот на целосно електрични ванови растеше побавно во споредба со патничките автомобили. Постои резервираност кај клиентите, околу цената, досегот и носивоста. Покрај батериски електричен погон, постојат и други решенија со нулта емисија, вклучувајќи водороден погон и комбинација од водороден погон со батерија.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Рено веќе продава широка понуда од целосно електрични ванови, меѓу кои се компактниот Кангу, Трафик од средна класа и големиот Мастер. Овие модели сепак се конструирани врз платформа што ја делат со модели со обичен погон со МВС.

Волво Груп е посебна компанија од Волво Карс и дел е од Рено Тракс, којашто пак и самата работи независно од групацијата Рено. Групацијата Волво и Рено Тракс вршат продажба на Рено Трафик и Мастер.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Иконската елеганција се појави на македонските патишта: Промоција на новата Porsche Panamera

Италијански град се вози во 38 електрични Ситроен Ами