Рено и Гили во преговори за посилно присуство на пазарот во Бразил

Рено во Бразил го произведува Кардиан, соработката со Гили ќе ја зголеми искористеноста на фабриката

Францускиот производител на автомобили Рено и кинескиот партнер Гили планираат кон завршетокот на месецов да објават дека ја прошируваат својата соработка во Бразил, посочуваат три извори. Компаниите бараат нови пазари во раст, во време кога се продлабочуваат трговските војни ширум светот.

Двата производители на автомобили во минатата година основаа заедничка компанија за производство на мотори со внатрешно согорување, а во меѓувреме започнаа и со продажба на автомобили што се произведени во фабриката во Јужна Кореја, што им е во заедничка сопственост.

Планот е тие да ја продлабокат својата соработка и на територијата во Бразил. Се работи на првичен договор, што Рено и Гили имаат намера да го објават кон завршетокот на месецов, соооштуваат упатени лица.

Со договорот се предвидува кинеската компанија да отпочне да ја користи продажната мрежа на Рено во Бразил и колку е можно поскоро да почнат со продажба на возила под марката Гили, што ќе се извезуваат од Кина, кажуваат изворите.

Гили со договорот ќе добие и малцински удел во акциите на Рено Бразил. Подоцна ќе се користи и фабриката на Рено во Куритиба, за монтажа на возилата. Уште не е посочено колкава ќе биде висината на инвестицијата.

Со овој чекор ќе се зголеми искористеноста на фабриката на Рено во Бразил, којашто е петта најголема фабрика на францускиот производител во странство. Тоа е воедно и дополнителен чекор во насока на намерата на Рено да ја ограничи својата зависност од европскиот пазар.

Гили исто така ќе има голема корист, затоа што покрај Европа, којашто во моментов му е главен извозен пазар, ќе може да се прошири на нови пазари. Кинескиот производител се соочува со остра конуренција со цени на домашниот пазар, како и со огромни царини на големите пазари, како САД, Канада и ЕУ, за автомобили од кинеско производство.

Во услови на голема неизвесност на пазарите и со недоволно искористени фабрики во Кина, тамошните производители бараат нови можности на пазари како Русија, Јужна Америка, во Средниот Исток и во Африка, за да можат таму да го зголемат својот извоз.

Бразил лани беше земја со најголем раст во продажбата на увезени електрични и приклучни хибридни автомобили од Кина. Продажбата се зголеми за повеќе од двојно, на 152.000 возила.

Земјата лани беше и втор најголем пазар за кинески автомобили со електрифициран погон, по Белгија.

Гили има намера во Бразил да продава автомобили под сопствената марка, за разлика од партнерството во Кореја, што во моментов се заснова на само еден модел под знакот на Рено. Тоа е Гранд Колеос, што е конструиран врз платформа на Гили и се произведува во фабриката во Бусан, Јужна Кореја, што е во мнозинска сопственост на Рено.

Еден од изворите спомнува можност, Гили во фабриката на Рено да воведе своја платформа за модели со неколку видови на погон, односно модели со бензински, хибриден и чисто електричен погон.

Видеото од тестот на Гили Кулреј

Претходна објаваНајсилниот СУВ на Киа е електричен и спринтува под пет секунди до темпо сто
Следна објаваМузејот на Мерцедес-Бенц лани привлекол близу 900.000 посетители, рекорд

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here