за

Renault Clio го победи Peugeot 208 на тест во Ауто Билд

Renault Clio го победи Peugeot 208 на тест во Ауто Билд
Renault Clio го победи Peugeot 208 на тест во Ауто Билд

Германскиот магазин Ауто Билд даде одговор на едно од прашањата што засега голем дел од купувачите на целиот европски пазар. Како свежи претставници од класата на градските автомобили, воедно и најпродавана класа на пазарот лани, Renault и Peugeot ги соочуваат новите Clio и 208, да се докаже кој е подобар. За баланс, тука е Mazda2.

Го пренесуваме споредбениот тест на Renault Clio, Peugeot 208 и Mazda2, во превод од оригиналната објава на германскиот магазин Ауто Билд:

Новиот Clio победи при првата споредба

Долги по четири метри, силни стотина КС – ова се градски автомобили? Да! Peugeot 208, Renault Clio и Mazda2 прават и големо задоволство.

Ова се тајните препораки за сите што сакаат малечки и брзи автомобили, на кои им значи дизајнот и сакаат да имаат нешто посебно во секојдневието, но не сакаат да возат Polo, затоа што тоа веќе го прават сите други. Ги соочуваме новите Peugeot 208 и Renault Clio, заедено со освежената Mazda2. Сите тие се долги околу четири метри, колку Golf од 1980-те, сите имаат моќност од околу 100 КС, колку што порано имаа брзите верзии на Golf.

Победникот Clio добива бодови и со цената

Да почнеме со малечките Французи. Најдостапниот во овој тест е Renault Clio, но и тој не е евтин. Од Renault во нашата гаража го испратија Clio со еднолитарски трицилиндарец и 100 КС, со опрема Intens. Клима, дигитален кокпит и монитор на допир, заедно со врска за паметен телефон се вклучени во сериската опрема, исто како и алу-бандажи од 16 инчи. Во комбинација со поскапата навигација (исправениот дисплеј е многу шик!) и пакетот за град (паркинг сензори, камера) цената е мошне фер со 19.240 евра (сите цени важат за германскиот пазар и се наведени во објавата на Ауто Билд). Тоа е дури и премалку, во споредба со Peugeot 208, кој е поскап за повеќе од 3.000 евра! Дури и во основната изведба, 208 е 1.500 евра поскап од Clio. Peugeot испрати за тест 1,2-литарски „Allure“ со 100 КС. Тој чини 20.400 евра, заедно со 3D-инструменти, автоматска клима и паркинг сензори. А, потоа во Peugeot ја изгубиле контролата и вградиле навигација (740 евра), па уште и електрични кожени седишта (1.240 евра). На крајот се доаѓа до 22.380 евра – за малечок автомобил!

Кај Mazda2 многу се забележува тоа што е постар модел

Со 20.440 евра, Mazda2 е точно во средината. Таа единствена нема трицилиндарски турбо, туку атмосферски четирицилиндарец, од 1,5 литар и 90 КС. Во нивото на опрема Sports-Line се добиваат алу-бандажи од 16 инчи, автоматски клима уред, грејачи во предните седишта. Навигацијата кај јапонскиот автомобил чини 750 евра. Зошто е подобро да се откажете од неа, подоцна ќе објасниме, сега прво да ги испробаме автомобилите. Остануваме во Mazda, која штотуку доби освежување, по пет години од почетокот на производството. Меѓутоа, предните седишта останаа тесни и куси, во кокпитот доминира тврда пластика, а кога патниците назад имаат долги нозе, тоа се чувствува на грбот. Mazda во целина изгледа многу нежна. По отсуството на асистент за итен повик се препознава дека се работи за постар модел. Оваа ставка не беше задолжителна на времето. Тоа се забележува и во мултимедијата. За неа стои на располагање ротирачки контролер како во BMW, но системот е бавен и со седум инчи е најмал, а говорните команди се застарени. Подобро е да се приклучи телефонот и со него да се навигира. Siri и Alexa разбираат повеќе.

Дали сите го разбираат тоа што сака да ни го каже кокпитот на 208? Да, на тоа се свикнува. i-Cockpit со малечкиот волан што е зарамнет долу, го познаваме, исто како и инструментите горе. Но, тие сега се во 3D! И може да им се менува изгледот. Напред, или се прикажуваат брзиномерот и бројачот на вртежи, или информациите од навигацијата.

Peugeot 208 има најкул кокпит

За жал, од притискањето на копчето до вклучувањето минуваат рачно измерени шест секунди, и за жал, дланката мора да се потпира доле или горе на дисплејот, за со прстот да се погодат малите икони. Неколку зборови за квалитетот: Кошот за моторот не е лакиран целосно, туку е само испрскан површно. Исто изгледа и под облогата на багажникот, кадешто за жал недостига и двоен под. При седнување назад, човек мора да биде многу жилав кога треба стопалата да се префрлат преку прагот. Слично е кај Clio, но за него имаме и неколку пофалби. Прво: Тој има најголем багажник. Второ: Единствено тој поседува двоен под на багажникот. Трето: Тој има убави материјали. Четврто: Ако е вграден вертикалниот монитор, ракувањето е лесно, иконите се доволно големи и сé е разбирливо.

Мazda има најдобар пристап назад, но долгоногите патници ќе притискаат со колената во тенките седишта. Седењето во Peugeot 208 не е ниту приближно такво. Причината за тоа е прениската клупа. Поради ниско поставената клупа, во Clio исто така се седи со многу свиени колена назад. Тоа е прениско за возрасни патници.

При соборување на задната клупа, во Clio се добива речиси рамна површина, благодарение на двојниот под. Со 391 до 1.096 литри, тој располага со најмногу простор под задниот капак. Во багажникот на Mazda, со зафатнина меѓу 280 и 950 литри, подот е нерамен по соборувањето на задната клупа, што порано беше често кај автомобилите во оваа класа. Истото важи и за Peugeot, кој не нуди двоен под за 208. Багажникот собира меѓу 309 и 1.004 литри.

Дали кажавме дека рачката на менувачот во Clio требало да биде за три сантиметри покуса и со покуси одови? Во тој случај и целото возење ќе беше многу подинамично, затоа што Renault со својот трицилиндарец има темпераментна душа. Притоа не ги загубил и добрите манири: Тој амортизира најдобро, вози меко, и со 5,8 литри, Renault е поштедлив од Peugeot (6,4 литри) и речиси исто толку штедлив колку Mazda (5,7 литри). Во поглед на возачкото уживање, Clio мора да му даде предност на 208. Зошто? Тој едноставно има „поексплозивен“ мотор. Тоа можеме да го потврдиме и научно: Забрзувањето од 60 до 100 km/h во четвртиот степен, кај него трае 7,7 секунди (Renault: 10,6, Mazda: 14,0), а со тоа одговара и стегнатото подвозје.

А, Mazda? Нејзиниот атмосферец бара внимание, затоа што под 3.000 вртежи не се случува ништо. Проблем прават и преносните односи на менувачот. Крајната брзина од 180 km/h се постигнува во четвртиот степен, во петтиот губи брзина, во шестиот степен држи само 155 километри на час. До драгиот тим во Mazda, ако менувате нешто, молиме сменете ги амортизерите што се тврди како даска. Единствено оставете го лесниот менувач во стилот на MX-5!

Заклучок:

Креаторот на автомобилот (Créateur d’automobiles) се врати во добра форма! Новиот Renault Clio победи во лигата на градските автомобили. Тоа не е резултат само од цената. Peugeot ни се допаѓа поради кул кокпитот со малечкиот волан. А, Mazda? Таа е подобра е по фејслифтот, но не е најсвежа.

3-то место со 485 од 800 бодови: Mazda2 Skyactive-G 90 M Hybrid. Четирицилиндарски атмосферец со најниска потрошувачка, лесен менувач, но амортизацијата е тврда. Цена: од 16.890 евра. (сите цени важат за германскиот пазар и се наведени во објавата на Ауто Билд)

2-ро место со 498 од 800 бодови: Peugeot 208 PureTech 100. Кул кокпит, динамични возни својства, но и многу пропусти. Цена: од 17.950 евра.

1-во место со 502 од 800 бодови: Renault Clio TCe 100. Целосно погоден пакет! Одлично подвозје, задоволителна моќност на моторот, квалитетна изработка. Цена: од 16.440 евра.

Renault Clio го победи Peugeot 208 на тест во Ауто Билд

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Tesla Model 3 poevtina izvedba

Пазарот во Кина се враќа во нормала, Tesla Model 3 најпродаван електромобил

Танкери со нафта закотвени покрај брегот на Калифорнија

Танкери со нафта закотвени покрај брегот на Калифорнија