за

Audi A8 извозе рекорд низ САД среде хаосот од корона

Audi A8 извозе рекорд низ САД среде хаосот од корона
Audi A8 извозе рекорд низ САД среде хаосот од корона

Со сополнителен резервоар во багажникот, со облепени задни светла, со многу КС, и најважното – со празни патишта, непознат тркачки ентузијаст го извозе Кенонбол во Audi A8. Сцената го осудува чинот, за некој да помисли да поставува рекорд додека владее пандемија од корона.

Сé почна како протест поради воведувањето строги закони и надзорот над автопатиштата во САД. Станува збор за легендарната, но и илегална трка Кенонбол, иницирана од автомобилскиот новинар Брок Јејтс. Приказната е филмувана повеќе пати, меѓу другото и во „The Cannonball Run“ од 1981 година, со Берт Рејнолдс и Фара Фосет.

Деновиве беше поставен нов рекорд. Тим што засега останува во тајност, со Audi A8 L извозе од Њујорк до Лос Анџелес, со неверојатна просечна брзина од 170,7 km/h. За растојанието од 4.547 километри, со луксузната лимузина беа потребни 26 часови и 38 минути.

За потсетување, насекаде во САД постојат строги брзински ограничувања по автопатиштата, обично меѓу 65 и 75 милји на час, што значи дека највисоката дозволена брзина во земјата изнесува 120 километри на час. Исклучок се неколкуте магистрални патишта во Тексас, каде што смее да се вози со близу 140 километри на час.

Во 1971 година, Ден Герни со Ferrari постави просек од 128,9 километри на час, додека среде корона-кризата, незнајниот „јунак“ го извозе Кенонбол со просек од 170,7 km/h

Историјата на легендарниот Кенонбол започна во 1971 година, кога Јејтс и тркачот Ден Герни со Ferrari 365 GTB/4 постигна просечна брзина од 128,9 километри на час, победувајќи седум други возачи кои учествуваа во „подвигот“.

Илегалната трка се одржа уште трипати, во постојано надитрување со полицијата и со колку е можно поретко долевање гориво. Возилата одамна не се натпреваруваат во исто време. Во 2006 година, Алекс Рој извозе за рекордни 31 часа и 4 минути со BMW M5, за во 2013 година, водството да го преземе Ед Булиан со Mercedes-Benz CL 55 AMG, извозувајќи за време од 28 часови и 50 минути. Лани беше поставен нов рекорд, од Арни Томан, кој постави време од 27 часови и 25 минути со Mercedes-AMG E 63.

 

Белиот Audi A8 L стартуваше на 4-ти април во 23:15 часот од гаражата на Ред Бул во Менхетен. Тој пристигна на целта во Портофино Ин на Редондо Бич, Калифорнија, по 26:38 часови.

Во багажникот биле поставени огромни резервоари, а задните светла биле делумно облепени, за да се отежни идентификацијата на возилото од страна на другите возачи. Мала е веројатноста дека овој рекорд ќе се урне во видно време, имајќи предвид дека возењето се случуваше во вонредни услови, во време на корона-кризата.

 

 

 

 

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Роботски комбиња превезуваат тестови за Ковид во клиниката Мејо

Роботски комбиња превезуваат тестови за Ковид во клиниката Мејо

Џејмс Бонд во романите на Флеминг вози Bentley

Џејмс Бонд во романите на Флеминг вози Bentley, не Aston Martin