На европскиот пазар продадени близу 7 милиони автомобили во првото полугодие, Фолксваген прв, во 2019 имаше 1,5 милион повеќе продажби

Кинеските марки продолжија со силниот пробив на европскиот пазар и во првото полугодие заедно продадоа повеќе возила од Форд.

  • Во јуни на 28-те најголеми пазари во Европа се продадоа за 4,4 проценти помалку возила во споредба со истиот месец лани. За половина година, пазарот заостанува 0,3 процент.
  • Кинеските марки достигнаа рекордно висок удел, со освоени 5 проценти од пазарот во првото полугодие.
  • Групацијата Фолксваген е меѓу најголемите добитници, додека Стелантис и Тесла изгубија најмногу
  • Првпат за шест месеци се продадени преку 1 милиони чисто електрични возила

Европскиот пазар имаше пад во јуни, со 1.250.868 продадени автомобили, што е за 4,4 проценти под истиот месец во 2024 година. Според податоците за 28-те најголеми пазари во Европа, најголем пад има во Италија (-17%), Белгија (-16%) и Германија (-14%), а Франција и Швајцарија, како уште два големи пазари, исто така се минус, со 7 и 6 проценти соодветно. Во Романија, пазарот се преполови.

Падот во продажбата следи по неколку месеци во неизвесност на европскиот пазар. За шест месеци се продадени 6.844.426 возила, што е 0,3 процент под првото полугодие во 2024 и претставува минус од 17.728 возила.

Според ценетиот експерт Фелипе Муњоз, падот е предизвикан од „постојаното ниво на високи цени, геополитичките и економски тензии меѓу Европа и трговските партнери и пазарната реалност по пандемијата.“ Музоз цени дека годинава ќе се продадат 2,5 милион автомобили помалку во споредба со 2019 година.

Во тој контекст, продажбата во првото полугодие е со 1,56 милион возила зад истиот период во последната година пред пандемијата. Доколку продолжи досегашната динамика, Европа ќе ја заврши годинава со уште поголем пад од лани, кога беа продадени 2,7 милиони нови автомобили помалку во споредба со 2019 година.

Кинеските марки се пробиваат напред

Додека европскиот пазар се скусува, конкуренцијата се вжештува, главно на сметка на европските, јапонските, корејските и производителите од САД. Кинезите речиси двојно го зголемија својот удел на пазарот во споредба со првото полугодие лани и достигнаа рекодни 5,1 проценти. Вкупно се продадоа за 91% повеќе кинески автомобили. За споредба, Кинезите во јуни заедно продадоа повеќе возила од Форд.

Пет кинески производители ја влечат продажбата напред: Би Уај Ди, Џејку, Омода, Липмотор и Шаопенг. Би Уај Ди со мошне агресивен напад со цените, во првото полугодие продаде 70.500 автомобили, што е за 311% повеќе од лани. Само во јуни, Би Уај Ди продаде 15.565 возила и со тоа се најде меѓу 25-те најпродавани марки, пред Сузуки, Мини и Џип.

Би Уај Ди Сил Ју, заедно со Фолксваген Тигуан, беше најпродаван модел со приклучен хибриден погон во Европа во јуни, односно трет во првото полугодие.

Џејку и Омода, коишто се марки на Чери, исто така напредуваа солидно, меѓутоа нивните елеткрични автомобили не беа посебно привлечни. СУВ-моделите со приклучен хибриден погон учествуваа со 29% во нивната заедничка продажба во јуни, додека на моделите со обичен погон отпаѓаат 63% од продажбата. Џејку 7 беше 9-ти најпродаван приклучен хибрид во јуни.

Липмотор само во јуни продаде 8.300 возила, што главно е заслуга на градскиот модел на струја Т03 и на СУВ-моделот од средна класа Ц10. Во меѓувреме, Шаопенг се проби како најуспешна премиум марка од Кина во првото полугодие во Европа, со 8.338 возила за шест месеци. Тој резултат доаѓа главно од Г6 СУВ, со продадени 5.615 примероци.

Големите играчи го губат својот удел на пазарот

Додека кинеските марки продолжуваат да се пробиваат, некои од најголемите играчи загубија дел од својот пазар. Стелантис има најголем пад во првите шест месеци, со пазарен удел намален од 16,7 проценти лани, на 15,3 проценти годинава. Тоа е најслаба продажба на ниво на шест месеци, откако концернот е основан во 2021 година.

Од десетте марки на Стелантис што се продаваат во Европа, само три постигнаа раст во првото полугодие: Алфа Ромео (+33%), Пежо (+6%) и Џип (+2%). Според бројот на продадени возила, падот во првото полугодие е 8,6 проценти, односно 11,7% во јуни. Според Муњоз, за тоа се виновни забавениот производствен старт на важни нови модели, како и фокусираноста на електрични модели, коишто се поскапи во споредба со моделите со обичен погон.

Тесла во првото полугодие го доживеа најголемиот пад во својот удел во Европа, со 1,6% од пазарот, наспроти 2,4% во споредба со лани. САИЦ Мотор, производителот на МГ, првпат ја престигна Тесла. Кинескиот производител ја зголеми продажбата за 22 проценти, со 162.153 возила, додека Тесла изгуби 33 проценти со продадени 109.264 возила. Сменетите светла на Тесла Ипсилон не донесоа големи промени, а во меѓувреме напаѓаат Фолксваген и Би Уај Ди.

Тесла е втора најпродавана електрична марка во јуни, но е само на 4-то место по шест месеци, зад концернот Фолксваген (28% удел), Стелантис (11%) и групацијата БМВ (10,3%).

Батериските електрични возила првпат надминаа 1 милион примероци

Сегментот на БЕВ беше светла точка на европскиот пазар, откако првпат беа продадени повеќе од еден милион возила за шест месеци. Вкупно се продадени 1.193.397 БЕВ, што претставува раст од 25 проценти во споредба со лани. Во јуни сепак забави напредокот, со раст од 15% и продадени 240.247 возила.

БЕВ учествуваат со 17,4 проценти на пазарот на нови возила во Европа во првото полугодие, што е за 3,6 процентни бодови повеќе во споредба со првото полугодие лани. Данска има најголем скок на полугодишно ниво (+19 процентни бодови), следат Норвешка (+9,2), Белгија (+8,0), Финска (+7,2) и Австрија (+5,6).

Батериските електрични возила станаа најпородаван вид на погон во Норвешка, Данска, Холандија, Шведска и Финска. Најмал удел имаат Хрватска, Словачка, Романија, Полска и Италија.

Видеото од тестот на Рено 5 во Аутомедиа

Групацијата Рено ги има најпродаваните модели

Групацијата Рено ги освои највисоките места во продажбата и за јуни и за првото полугодие. Од Рено Клио во јуни се продадени преку 27.200 примероци, што е за преку 3.000 возила повеќе од Тесла Ипсилон, втор најпродаван модел со 23.800 возила во јуни. За шест месеци, шампионот е Дачиа Сандеро, исто така модел на Рено Групација.

Меѓу најголемите добитници во јуни се Клио (+19%), Пежо 208 (+16%) и Опел Корса (+12%). Солидно напредуваа и БМВ Икс 1 (+27%), Мини Купер (+25%), Опел Мока (+21%), Мерцедес ГЛА (+20%), БМВ Икс 3 (+22%), МГ ХС (+36%) и Мерцедес ГЛЦ (+31%).

За шест месеци, најмногу напредуваа Фолксваген Тигуан (+28%), МГ ЗС (+26%), Пежо 3008 (+40%), Шкода Кодиак (+30%), Џип Авенџер (+34%), Фолксваген ИД.4 (+38%), Сузуки Свифт (+37%), Фолксваген ИД.3 (+29%), МГ3 (+258%), Фиат 600 600 (+400%), Шкода Ениак (+36%) и Ауди A5 (+149%).

Меѓу новите модели на пазарот годинава, најмногу се издвојуваат Рено Симбиоз со 41.730 примероци, Киа ЕВ3 со преку 35.000 продажби и Рено 5 со 34.202 возила. Шкода Елрок постигна 34.105 продажби, Купра Терамар 29.135 продажби, Ауди Ку 6 привлече 25.758 клиенти, Фолксваген Тајрон заокружи со 20.481 примероци за шест месеци.

Претходна објаваВо Италија заедно со хотелски престој се букира и Фиат Тополино
Следна објаваТесла ја преполови месечната рата во Британија, обид да се спаси продажбата

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here