Од јануари до мај се регистрирани точно 4,0 проценти повеќе возила отколку во истиот период лани, што претставува солиден резултат, имајќи ги предвид политичката неизвесност и ослабнатата економија. Позитивното движење сепак е резултат од еден вид погон.
Зголемената продажба на нови автомобили во досегашниот тек од годината се должи првенствено на побарувачката за модели со хибриден и елеткричен погон, за што придонесе и враќањето на субвенциите на некои големи пазари, и други поволности во коишто возачките и возачите гледаат корист од електрифицираните возила.
Прв избор на европските купувачи и натаму се моделите со обичен хибриден погон, за коишто се решаваат речиси четири од секои 10 купувачи на нов автомобил. Со удел од 37,8 проценти и близу 1,8 милион возила, хибридите се во голема предност пред вториот најчест вид на погон во првите пет месеци, пред бензинците, на коишто им припаѓаат 22,4% од вкупниот број новорегистрирани возила до мај.
Третиот избор на возачите се целосно електричните автомобили. Безмалку цел еден милион автомобили што се движат исклучиво на батерија се регистрирани во земјите на ЕУ за пет месеци. Со 950.521 возила, овој вид погон постигнал најголем раст од 35,7 проценти од сите видови погон, во споредба со јануари-мај лани.
На секои 13 продадени автомобили доаѓа по еден дизел
Приклучните хибриди, што некогаш држеа рамноправна трка со целосно електричните возила, веќе одамна ја губат трката и годинава постигнале удел од 9,7 проценти. Единствен вид на погон, во којшто се продаваат помалку возила, тоа се дизелите, со продадени 361.971 возила до мај и удел од само 7,6 проценти.
Останатите видови погон, вклучувајќи метан и автогас, учествуваат со само 2,4 проценти, главно поради нивниот висок удел на одредени пазари, како Италија.
Во првите пет месеци се регистрирани 950.521 возила со целосно електричен погон, што одговара на удел од 20 проценти. Три од четирите најголеми пазари во ЕУ, коишто заедно сочинуваат 63% од вкупно регистрираните БЕВ, постигнале огромен раст: Италија (+75,7%), Франција (+55,4%), и Германија (+40,9%). Наспроти нив, мирува пазарот во Белгија со раст од само 2,8 проценти.
Споредба: Електрична Киа против бензинска Киа, ЕВ 3 против Спортаж
Порасна и продажбата на класични хибриди на 1.795.071 возила, благодарение најмногу на растот во Италија (+24,5%) и Шпанија (+19,5%), а добар поттик дадоа и Германија (+5,4%) и Франција (+2,2%). На класичните хибриди им припаѓаат 37,8% од пазарот во ЕУ до мај.
Напредува и пазарот на приклучни хибриди, со регистрирани 460.217 нови возила. Италија и тука е заслужна за растот, со +84,9%, на што се надоврзуваат Шпанија (+46,5%) и Германија (+16,1%). Уделот од 9,7% е напредок од 1,4 процентни бодови во истиот период лани.
Регистрациите на бензински возила опаднале за 18,2 проценти и тоа важи за сите пазари. Интересот најмногу опаднал во Франција, со -36,8%, а со двоцифрен пад следат и Шпанија (-20.3%), Германија (-18,5%) и Италија (-17.3%).
Со новорегистрирани 1.065.071 автомобили за пет месеци, уделот на бензинците на пазарот изнесува 22,4 проценти и тоа е пад од 6,1 процентни бодови во споедба со првите пет месеци во 2025 година.
Најмал удел им припаѓа на дизелите, коишто и натаму бележат пад, со удел од само 7,6 проценти, наспроти 9,5 проценти во периодот од јануари до мај лани.
Forthing S7 REEV · Најбензинскиот електричен автомобил на пат од 750 км низ Македонија
















