Двократното зголемување во бројот на продадени возила во минатиот месец во Европа, сепак е само релативно. Во годината пред кризата, во април биле продадени близу 300.000 повеќе автомобили отколку во истиот месец годинава.
Автомобилските пазари во Европската Унија во април забележиле раст во вкупната продажба од 218,6% во споредба со истиот месец лани. Тоа повеќе е знак за големиот удар што корона-пандемијaта го нанесе, меѓу другото и врз автомобилскиот пазар лани. Доколку се споредува со истиот месец пред две години, значи пред корона, тогаш априлската продажба во 2021 година се уште заостанува за близу 300.000 возила.
Голем број пазари во ЕУ постигнале двоцифрено, па дури и трицифрено зголемување во април. Посебно се издвојува Италија, со раст од 3.276,8 проценти – земјата беше силно погодена од корона-пандемијата. Следат Шпанија (+1.787,9%), Франција (+568,8%) и Германија (+90.0%).
Вкупно од јануари до април, побарувачката за патнички автомобили во ЕУ е зголемена за 24,4 проценти, на вкупно 3,4 милиони автомобили. Посебно голем раст е постигнат во последните два месеци. Од четирите најголеми пазари, растот е најубедлив во Италија и Франција, соодветно со 68,4 проценти и 51,0 проценти.
Шпанија (+18,8%) и Германија (+7,8%) првпат се во позитива во вкупната продажба на возила годинава, во споредба со првите четири месеци лани.