Европскиот автомобилски пазар поднапредна во насока на електромобилноста. Целосно електричните автомобили учествуваа со близу 17 проценти во продажбата на автомобили на европскиот пазар во периодот од јануари до ноември.
Станува збор за вкупно 1,66 милион нови возила, што е раст од 27,6 проценти во споредба со истиот период лани. Уште поголем напредок постигнаа приклучните хибриди. Нивната продажба порасна за 33,1 проценти, со вкупно 912.000 автомобили со комбиниран погон на батерија и на бензин, покажуваат најновите податоци од АЦЕА.
По 11 месеци, во ЕУ се продадени 9.860.092 нови патнички автомобили. Тоа е раст од 1,4 процент во споредба со лани, но уште е далеку од нивото пред пандемијата, напоменуваат од АЦЕА.
Актуелните бројки од продажбата се интересни и од аспект на реформите околу целите за ЦО2. Европската Унија планира да отстапи од забраната за продажба на нови автомобили со мотор со внатрешно согорување по 2035 година. Таа предлага 90% од автомобите што ќе се продадат во 2035 да бидат без емисија на ЦО2, односно електрични или водородни авотмобили. Иако уште не се утврдени сите поединости, повеќето нови продадени автомобили по 2035 година ќе бидат електрични.
Близу 17 проценти удел на батериските електрични автомобили
Уделот на електричните автомобили на пазарот во ЕУ годинава изнесува близу 17 проценти. Околу две третини од сите електрични автомобили, односно точно 62 проценти од нив, продадени се во само 4 држави: Германија, Белгија, Холандија и Франција. На сите пазари сепак се забележува напредок. Најголем раст годинава има во Полска, каде што продажбата на електрични автомобили е зголемена за 140 проценти.
Со задвижувањето на пазарот во насока на возила со електрифицирана погонска спрега, профитираа кинеските производители, но и Германците. Фолксваген, БМВ и Мерцедес, сите годинава имаат одреден раст во продажбата. Стелантис, втор по големина концерн во Европа, по Фолксваген, сепак се соочи со пад од 5,5 проценти во продажбата на батериски електрични автомобили.
Фиат и Опел ја влечат продажбата на електрични автомобили на Стелантис во минус
Кај Фиат има пад во продажбата, главно поради тоа што Германија ги укина субвенциите, како еден од најголемите пазари за Фиат 500е. Во меѓувреме, Фиат 600е и Гранде Панда Електрик ја збогатија понудата и извесно е дека продажбата ќе расте повторно. Италијанците имаат пад од 11,3 проценти кај БЕВ. Исто и кај Опел има пад од 7,1 проценти. Наспроти тоа, САИЦ е прв кинески производител што се појавува во Топ 10, со својата марка МГ, со раст од 39,4 проценти и преку 191.000 продадени електрични автомобили.
САИЦ е дури пред Тесла, којашто годинава имаше пад од близу 39 проценти. Кинескиот Би Уај Ди сигурно ќе ја престигне веќе в година. Тие напредуваат главно со своите приклучни хибриди и ја зголемија продажбата годинава за 240 проценти.
















