за

Зошто во европските пристаништа се трупаат кинески електрични автомобили

Проблемот ги погодува сите пристаништа во коишто се истоваруваат возила. Експертите препознаваат повеќе причини, меѓу нив и слабиот интерес за увезените автомобили.

Илјадници увезени автомобили во моментов стојат натрупани во повеќе европски пристаништа, од коишто главнината се донесени од Кина. Повеќе производители на автомобили имаат изнајмено големи површини во пристаништето, но уште немаат купувачи за автомобилите. Поради тоа, компаниите за логистика мораат да изнајмуваат дополнителни површини за паркирање надвор од пристаништата.

„Оваа ситуација во моментов ги погодува сите европски пристаништа, на коишто пристига голема количина возила“, кажува претставникот на белгиските пристаништа Антверпен и Зебрухе. Управата на пристаништата не наведува точни бројки, меѓутоа пристаништето во моментов е зафатено со повеќе возила отколку во 2020 или 2021 година, соопштуваат оттаму.

Повеќе фактори влијаат за состојбата во пристаништата

Проблемот се заостри затоа што влијаат повеќе неповолни фактори. Недостигаат камиони што треба да ги преземат возилата од пристаништата и нема доволно возачи на камиони.

На тоа се надоврзува и моментално ослабнатиот откуп на нови возила. За застојот има вина и напуштањето на моделот на продажба преку дилери. Некои марки сега директно им продаваат на клиентите. Тоа прави автомобилите подолго да останат во пристаништата, место да се однесат кај дилерите.

Пристаништата веќе подолго време се преполнети

Волфганг Гебел, претседател на европското здружение на логистичари за готови возила потврдува дека пристаништата се полни, но вели дека тоа не е новина. „Пристаништата веќе подолго време се преполнети“, кажува Гебел, кој е воедно и претседател на управниот одбор на групацијата Мозолф, што е една од најголемите германски компании за логистика, со транспорт на повеќе од 3 милиони возила годишно. Групацијата е активна во Зебрухе.

„Пазарот е ослабен, тоа го смалува протокот. Кинеските увезени автомобили се само дел од тоа“, вели Гебел. Наглиот завршеток со субвенционирањето на купувањето електрични автомобили во Германија е уште една причина. „Поради тоа, автомобилите подолго остануваат во пристаништата. Тоа се однесува на увезените електрични автомобили од сите марки.“ Компаниите реагираат на ситуацијата и имаат изнајмено дополнителни површини надвор од терминалот.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Стари батерии од хибридни Рејнџ Ровери служат како преносна станица за струја

Германските училишта повторно во акција против родителско такси