за

Тесла и Волво запреа со производство поради кризата на Црвеното Море, Стелантис се префрлува на авионски превоз

Поморските компании се принудени да ги пренасочат бродовите од Црвеното Море, поради нападите од Хутите што имаат поддршка од Иран.

Тесла и Волво го запреа производството во своите фабрики во Европа, откако нападите врз бродовите во Црвеното Море ги нарушија испораките на компоненти од Азија. Стелантис се префрли на авионски превоз, за да избегне прекини во набавката.

Фабриката на Волво во Гент, Белгија, ќе мирува три денови, откако бродовите мораа да бидат пренасочени, за да се избегнат напади на една од најпрометните поморски линии во светот. Се чека бродовите по подолгата рута да ги донесат потребните менувачи, за вградување во автомобилите на Волво во белгиската фабрика.

Тесла исто така најави дека ќе го запре најголемиот дел од производството во својата фабрика во близина на Берлин, од 29-ти јануари до 11-ти февруари.

Останатите прозиводители на автомобили преземаат чекори за да избегнат прекини во производството.

Стелантис ќе се потпира врз авионски превоз, за да ги избегне привремените прекини во набавката.

„Стелантис презеде соодветни мерки за да надомести за привременото одолжување на пристигањето на некои пренасочени бродови, со тоа што во помал обем ќе се користи авионски превоз,“ објавија од компанијата.

Концернот „речиси нема претрпено последици врз производството досега“, кажа претставник на Стелантис.

Фолксваген е во непосредна координација со поморските компании и постојано ја гледи ситуацијата, за да процени дали таа може да влијае врз производството, и колку е можно, да го избегне тоа влијание.

Од германскиот концерн не очекуваат „значителни“ рестрикции во продукцијата, кажа претставник на компанијата.

Волво во Гент ги произведува ИксЦ40 и Ц40, и објави дека привремено го запира производството во фабриката, поради доцнењето на испораката на менувачи. Обемот на испораката на возила, производствените цели, како и втората европска фабрика на Волво, во шведски Гетеборг, нема да претрпат последици од прекинот, објавуваат од компанијата.

Доцнат батериите

Тесла не ги наведе причините за запирањето на производството, меѓутоа производителот на електрични автомобили ги добива батериите од Кина, за истите да ги вгради во Модел Ипсилон за европските пазари, во својата фабрика во Гринхајде, во близина на Берлин.

Останатите производители исто така зависат од испораката на компоненти за електрични возила од Азија.

Азија во периодот од септември ’22 до септември лани учествуваше со 67 проценти во увозот на компоненти за батерии за електрични возила во ЕУ. Азиските производители учестуваат со повеќе од две третини во испораката на литиум јон батерии.

Производството во Рено и во БМВ до петокот не беше погодено од новонастанатата ситуација.

Повисоки трошоци за бродски транспорт

Нападите од милитантните Хути, кои имаат поддршка од Иран, во знак на солидарност со нападите на палестинската исламистичка група Хамас врз Израел, во Газа, ги присилија транспортните бродови да го избегнуваат Суецкиот Канал.

Најголемите сопственици на транспортни бродови, како Маерск или Хапаг-Лојд, ги пуштија бродовите по подолгата рута, околу африканскиот ‘Рт на Добрата Надеж. Тоа ги поремети сложените планови на бродовите, го продолжи патувањето и значително ги зголеми цените на бродскиот превоз.

Пренасочувањето на бродовите околу Африка ги зголемува трошоците за гориво за околу 2 милиони долари, за секој брод што плови од Азија кон Северна Европа. Поморските компании ќе ги вклучат тие трошоци, а ќе додадат и дополнителни ставки за наплата.

Во Маерск очекуваат дека пренасочувањето, коешто го продолжува времетраењето на патувањето од Азија со Северна Европа за околу десетина денови, ќе потрае извесен период.

„Колку подолго трае кризата, толку повеќе таа ќе влије врз прекуокеанскиот превоз во светски рамки и трошоците ќе продолжат да растат,“ објаснува Питер Сенд, главен аналитичар во платформата за транспорт Ксенета.

„Повеќе очекуваме дека ќе трае со месеци, отколку со недели или денови, додека се најде какво било решение за кризата,“ кажува тој, повикувајќи се на ширењето на конфликтот.

Слаба точка во набавката на компоненти

Сем Фиорани, потпретседател во АутоФоркаст Солушнс, коишто ги следат ланците на набавка и производство во автомобилската бранша, цени дека повеќе производители би можело да имааат последици од прекините во снабдувањето.

„Тесла зависи во голем обем од Кина, за снабдувањето со компоненти за батерии, коишто треба да се превезат до Европа преку Црвеното Море, поради што производството се наоѓа под постојан притисок,“ објаснува тој. „Не може да се верува дека тие се единствените; тие се само првите што трпат последици од проблемот.“

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Стелантис е концерн број 2 во Европа, веднаш зад Фолксваген

Истражители на ЕУ ќе спроведат истрага во фабриките на МГ и БИД во Кина