за

Porsche Macan доби второ моделско освежување, наследникот ќе вози на струја

Porsche му стокми второ моделско освежување на својот Macan. Промени има и во моторите и во кабината.

По седум години на пазарот, Porsche Macan го доживеа својот втор фејслифт. Наследник секако дека ќе има, но тој ќе се нуди само во изведба со електричен погон и ќе се појави во 2023 година. Освеженото моделско годиште ќе стартува со испорака во октомври.

Промените во изгледот на Porsche Macan одвај се забележуваат. Маската во браникот доби понагласена спортска форма и два вертикални гребени во боја на каросеријата. Светлата исто така добија нова графика. Масивниот дифузор назад е во стилот на Taycan Cross Turismo, со таа разлика што кај Macan има и издувни цевки. Палетата е збогатена со три нови бои, на располагање стојат седум нови дизајни на тркалата. Основниот модел сега лежи на тркала од 19 инчи, место 18 инчи.

Средишната конзола повеќе не е преплавена со копчиња. Место тоа во просторот околу новата рачка за бирање се наоѓаат сензорски полиња. Ракувањето со климата под дисплејот на инфо-забавниот систем исто така се врши преку допир. Останаа само два вртливи регулатори. Моделското освежување во кабината го комплетираат нови волани од 911 и неколку нови пакети опрема, кои содржат вештачка кожа, микрофибер и украсни штепови во контрастни бои.

New item by Automedia MK / Google Photos

Најмногу промени има кај моторите. Основниот четирицилиндарец претрпе темелна преработка и сега располага со 265 КС и 400 њутнметри (+20 КС и +30 Nm во споредба со претходникот). Во Macan S работи 2,9-литарски V6 со 380 КС и 520 њутнметри (+26 КС, +40 Nm). Нов топ-модел отсега е GTS, со 2,9-литарски V6 со 440 КС и 550 Nm (+60 КС, +30 Nm), во замена за Macan Turbo кој повеќе не се нуди во гамата. Има зафати и во подвозјето, кои имаат за цел возењето да го направат уште подинамично. Дизел мотори, приклучни хибриди, благи хибриди, Porsche не вградува во својот Macan.

New item by Automedia MK / Google Photos

Топ-моделот Macan GTS се препознава по црните акценти, по украсните делови во боја на каросеријата и по посебните тркала од 21 инчи. Спортските сопирачки се стандард, исто како активната амортизација и спортски дотераните амортизери.

Пораснаа и цените на освеженото моделско годиште на Porsche Macan. Основната изведба во ценовникот за Германија стартува од 62.917 евра. Со повисоката цена сепак следи повеќе сериска опрема и повисока моќност.

New item by Automedia MK / Google Photos

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Peugeot нуди бесплатен преглед на возило пред летните одмори

Tesla Model 3 е шести најпродаван автомобил во САД

За автопилотот на Tesla се плаќа месечна претплата