Спортската марка од Цуфенхаузен подготви посебен вид конфигуратор. Со помош на Vin Art Configurator може да се изработи најквалитетен портрет од сопственото Porsche или од модел што ќе се конфигурира лично.
Идејата на менаџерите на огранокот Porsche Digital е спортскиот автомобил да се внесе во домот. При разработката на идејата се внимавало конфигураторот да биде лесен за користење и постапката да трае кусо. Секако дека било важно и портретот на Porsche да биде индивидуален и уникатен.
Услугата VIN Art ја проширува понудата од дигитални производи на огранокот Porsche Digital, којшто соработува со Porsche AG и со пазарите на коишто е присутна марката Porsche. За изработка на портретот треба да се пристапи на вебсајтот www.vinart.digital. Сопствениците на автомобил Porsche го внесуваат бројот на шасија, а доколку не се ужива таква привилегија, тогаш се користи кодот што се добива по завршувањето на конфигурацијата на автомобилот по лична замисла.
Портретите се печатат на тенка алуминиумска плоча со површина со висок сјај. Може да се избираат неколку големини и да се нарача варијанта за на ѕид или за на маса.
Услугата важи за сите модели произведени по 2016 година. Испораката засега е можна само во Германија, но тоа не значи дека не постои можност за истата да се изврши преку дилер на Porsche. На тоа укажува и цената. Димензија 90 х 60 сантиметри чини најмалку 500 евра.


















