Полстар пријави раст во продажбата во второто тромесечје, што се должи на зголемената побарувачка за своите електрични возила на домашниот пазар, Европа, така што ослабнатата продажба во САД не влијаеше врз конечниот позитивен исход.
Шведската електрична марка ја задржа динамиката на продажбата во Европа, главно со помош на продажни акции и попусти, додека останатите пазари низ светот беа погодени од зголемени камати, од инфлација и од конкуренцијата што нуди подостапни модели со хибриден или чисто бензински погон.
Компанијата со седиште во Гетеборг во периодот од април до јуни продаде 18.049 возила, што претставува раст од 38 проценти во споредба со истиот период лани. Европа учествува со 76 проценти во вкупната продажба на Полстар, изјави за Ројтерс извршниот директор Михаел Лошелер, поранешен шеф на Опел, додавајќи дека марката останува „ласерски фокусирана“ на континентот.
Лошелер потврди дека компанијата останува на својата намера да почне со локално производство во САД, поради тоа што високите увозни царини може да доведат до драстично поскапување на производствените тропоци и до нарушувања на глобалниот пазар на добавувачи.
„Во свет во којшто имате сé повеќе царини, а згора на тоа и променливи царини … единствен начин да се напредува е локализација.“
Царините влијаеја врз Полстар повеќе отколку врз останатите европски производители на автомобили, поради тоа што повеќето модели се произведуваат во Кина, или во фабрика на Џили или на Волво. Полстар во минатата недела соопшти дека ќе го произведува својот СУВ-модел Полестар 7 во фабриката на Волво во Словачка, со цел да се избегнат дополнителните царини.
Продажбата во САД во вториот квартал опадна за 56 проценти, наведува Лошелер, поради засилената конкуренција и поради тоа што купувачите се воздржуваат да ги трошат парите на скапи електрични возила.
Тесла и Ривиан, домашни марки во САД, исто така пријавија пад во вториот квартал. Тамошниот пазар вероијатно ќе претрпи и дополнителен удар, откако наесен ќе престане субвенционирањето на ЕВ во висина од 7.500 долари, коешто ја задвижуваше продажбата во изминатите години.
















