за

Polestar испробува терен за кабриолет со погон на струја

Polestar О2 е студија на електричен кабриолет со панорамски покрив и дрон со камера.

Автомобилот со отворена каросерија и со 2+2 седишта покажува како Polestar замислува иден електричен кабриолет. Студијата делува како да е веќе подготвена за сериско производство. Швеѓаните не откриваат детали за погонот.

Дизајнот на кабриолетот потсеќа многу на Polestar Precept. Предните светла се дводелни и во стил на чеканот на Тор, со мошне прецизна и невообичаена форма. Каросеријата се одликува со остри рабови и мазни површини. Пропорциите на каросеријата јасно укажуваат дека станува збор за спортски автомобил, со ниска силуета и широка каросерија, со куси превиси напред и назад, со компактна кабина. Место платнен покрив, електричната марка на Volvo се решила за цврст покрив со панорамско стакло.

Бидејќи аеродинамичноста е посебно важна кај електричните автомобили, под ламарината се сокриени бројни канали за спроведување на воздушните струи. Задните светла изгледаат ефектно, но и имаат важен ефект да спречуваат вртложење на воздухот зад возилото. Како стандард кај студиските автомобили, место ретровизори служат камери.

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

Во внатрешноста исто така се забележуваат бројни сличности со Precept. Прекинувачите се сведени на најмала можна мера, но затоа дисплејот од 15 инчи тронува исправен среде кокпитот. Софтверот е дел од идната генерација инфо-забавни системи што се базираат на Android и што се развиваат во соработка со Google.

За разлика од Precept, во студискиот O2 има тркалезен регулатор во средишната конзола, што веројатно служи за ракување со инфо-забавниот систем. Нема податоци за тенкиот дисплеј зад воланот што е зарамнет озгора и оздола, но веројатно се работи за истиот дисплеј од Precept, со пречник од 12,5 инчи.

Со степените за возење се ракува исто како кај Precept, преку рачка на столбот на управувачот

Како што тоа е случај со претходните студии, Polestar O2 става голема важност на одржливоста. Овојпат главното тежиште е ставено на рециклирањето. Намерата е да се произведе колку може повеќе од еден ист материјал. Тоа значително би го поедноставило рециклирањето на автомобилот. Кај O2, сите меки материјали во внатрешноста се изработени од рециклирана пластика.

Различните видови алуминиумски легури што се користени во подвозјето се означени, заради селектирање. Целта на Polestar е да се избегне т.н. downcycling, односно користење различни видови алуминиумска легура при што се добива производ со послаб квалитет. 

Зад седиштата на O2 е сместен автономен дрон со камера. Тој може да стартува за време на возењето и да го следи автомобилот до брзина од 90 km/h. 

Polestar има план во следните три години да пушта во продажба по еден нов модел годишно. Прв ќе стартува Polestar 3. Неизвесно е дали потоа ќе следи и сериска изведба на Polestar O2.

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Неонскиот гас од Украина е важен за производството на чипови

Идната генерација на Mercedes E-Class нема да се нуди во такси-изведба