Најмалку е изненадување тоа што Peugeot 2008 од пуштањето во продажба кон завршетокот на 2019 година, достигна близу 700.000 произведени примероци. Французите го испочитуваа овој успех на лавчето и му обезбедија конкурентност за преостанатата половина од моделскиот век.
Многу нешта постигна овој модел на Peugeot што спаѓа во еден од најпродаваните пазарни сегменти во Европа, во Б-СУВ сегментот, каде што соодветно владее и најголема конкуренција меѓу производителите. Пазарот очигледно го препозна тоа што го нуди Peugeot 2008 и го благослови за постојано да има место за него на подиумот. Најмалечкиот модел на француската марка со две нули дури беше и најпродаван Б-СУВ модел во 2021 година. Сето тоа, во услови на пандемија, прекинати синџири од добавувачите, криза со микрочипови.
Успехот во голем дел се должи и на електричната изведба E-2008, прв модел со погон на струја во сегментот. Само од електричниот модел се продадени повеќе од 75.000 примероци. Со 17,4 проценти удел во продажбата на целото моделското семејство на Peugeot 2008 во 2022 година, електричната изведба се најде меѓу трите најпродавани Б-СУВ модели со батериски електричен погон лани.
Дизајнерот Матијас Хосан, зборува за промените што се случија во изгледот на моделот: „Со новиот 2008, Peugeot продолжува да ја зајакнува својата технолошка и лавовска препознатливост. Еден од клучните елементи во работата врз дизајнот е нагласокот на предниот дел, којшто прави 3-те шепи да бидат уште повпечатливи“.
Според објаснувањето на дизајнерот, на тој начин се нагласува робусниот и мускулест стил, што направил 2008 да биде успешен на сите пазари. Промените во изгледот воедно ја прикажуваат и намерата на менаџерите на марката, освежениот 2008 да го позиционираат повисоко во Б-СУВ сегментот.

Производството останува во Виго, во Шпанија, а нарачките ќе стартуваат во текот на летото. Три моделски изведби ја сочинуваат понудата – ACTIVE, ALLURE, GT – како и четири изведби на погон. Меѓу нив секако е опфатена и варијантата со електричен погон, којашто располага со моќност од 115 kW, наспроти 100 kW досега. Гамата в година ќе биде збогатена со изведба со благ хибриден погон.
Традиција на Peugeot е во секоја класа да нуди GT-модели што оддаваат ексклузивност и отменост
По лимузинската и комби изведбата на 508, освежениот 2008 е втор модел на Peugeot со новиот стил на дневните светла. Тоа што досега беше лавовски очник, отсега се три шепи. Овие три вертикални светла се поставени на сјајна црна површина во браникот. Сите верзии го поседуваат овој печат. Во изведбата GT, ставен е дополнителен нагласок со тоа што и самото светло се состои од три ЛЕД-светлечки модули.
Задните светла се редизајнирани и исто така користат диодна техника. Новата графика прави каросеријата да изгледа уште пошироко. Дури и за трепкачите и за светлото за наназад се користи ЛЕД.

Големиот грб на Peugeot, воведен со 308, доминира во маската. Секое ниво на опременост покажува различен изглед на маската: Хоризонтална шема и сјајна црна боја кај Active, вертикална шема и иста боја со каросеријата кај Allure и GT.
Нова боја е селениум сива, којашто е заштитна боја на освеженото моделско годиште на 2008. Уште дена нова боја е окенит бела, со синкаво-сив одблесок. GT стандардно доаѓа со црн покрив, во контраст со остатокот од каросеријата. Сите модели имаат црни ретровизори. Дизајнерски зафати има и во тркалата, коишто се во стилот на оние кај Peugeot 408.
Натписите напред, отстрана и назад исто така се сменети и имаат нова сива боја. Името Peugeot е напишано по целата ширина на задниот поклопец.

Нови се и материјалите на седиштата, со коишто дополнително се нагласува намерата за 2008 да биде позициониран во врвот на својата класа. Опција кај GT е алкантара.
Уште едно обележје на 2008 секако е i-Cockpit, којшто сега е унапреден, во насока на подобра ергономија и поголемо уживање при возење. Allure и GT располагаат со дигитални инструменти од 10 инчи, со 3D-ефект во спортското ниво. Во Active остануваат аналогните инструменти.

Средишен дисплеј од 10 инчи во сите моделски изведби на Peugeot 2008
За разлика од претходно, сега и основните две изведби добиваат дисплеј од 10 инчи во средишната конзола. „Клавишите“ под дисплејот се неразделни од кокпитот на 2008 и во новото моделско годиште.
Електричната изведба Peugeot E-2008 минува повеќе од 400 километри со полна батерија
По E-308 и E-408, новиот електромотор од 115 kW (156 КС) пристига и во E-2008. Исто и капацитетот на батеријата е зголемен на 54 kWh (50 kWh досега). Заедно со зафатите во подобрувањето на ефикасноста на погонот, електричниот 2008 сега минува до 406 километри со полна батерија, наспроти 345 km досега.
View this post on Instagram
Верзијата со благ хибриден погон, најавена за в година, користи 48-волтен стартер-генератор, во комбинација со преработен 1,2-литарски PureTech, со 136 место со 130 КС. Погонската спрега ја заокружува 6-степен менувач со двојна спојка, во чиешто ѕвоно е вграден самиот стартер-генератор. Peugeot вели дека се постигнува заштеда до 15 проценти.
Понудата со класични мотори опфаќа 1,2-литарец во верзија со 100 КС и 130 КС, со тоа што посилната изведба може да се нарача со 8-степен автоматик, како и 1,5-литарски дизел со 130 КС, исклучиво со автоматик.
















