за

Пет од сто продадени комбиња лани биле хибридни или електрични

Лани во Европа биле продадени близу 1,8 милион доставни возила, за околу осум проценти повеќе отколку преклани. Електрификацијата и таму остава печат.

Од сите продадени доставни возила во земјите од ЕУ, во Норвешка, Швајцарија и Обединетото Кралство во минатата година, 90,2% користат дизел мотор, додека на бензинските изведби отпаѓаат 3,8 проценти од пазарот. Големи задвижувања има кај електричните и хибридните доставни возила.

Доставните возила што имаат приклучок за полнење на батеријата, лани учествувале со само 3,0% на поширокиот европски пазар. Уделот уште е мал, но трендот укажува на голем раст. Пред повеќе од една година, електричните и приклучните хибридни доставни возила учествувале со два проценти, што значи дека нивната продажба забележала зголемување за 50 проценти. Напредуваат и чисто хибридните доставни возила, чијшто удел од 0,9% во 2020 година, лани се зголемил на 1,6 процент.

Побарувачката за дизели се зголемила за 6,2 проценти и продадени се вкупно 1.408.376 такви возила. Но, останатите видови погон постигнаа уште поголем раст, на сметка на падот кај дизелите. Пред две години, нивниот удел изнесувал 92,4 проценти. Лани вредноста се намалила на 90,2 проценти.

Четирите најголеми пазари во ЕУ имале различна динамика во поглед на дизел-фургоните. Најголем раст има во Италија (+8,6%), следи Франција со +4.0 проценти. Сосем е спротивна ситуацијата во Шпанија и Германија, каде што пазарот на доставни возила со дизел мотор се смалил за 4,7, односно за 3,6 проценти.

За една петина (20,5%) се зголемила побарувачката за ванови со бензински мотор, со вкупно 58.757 возила. Тоа доведе и до зголемување на нивниот удел, од 3,4 на 3,8 проценти на ниво на ЕУ. Интересот за бензински ванови се зголемил најмногу во Фрацнија (+43,2%) и во Германија (+25,7%). Наспроти тоа, во Шпанија се намалила продажбата за -24,1 проценти.

Во минатата година, бројот на продадени доставни возила со приклучок за полнење, што значи и чисто електрични и приклучни хибридни возила, се зголемил за 63,2% и достигнал вкупно 46.853 примероци. Уделот е зголемен од два на 3,0 проценти. Меѓу главните пазари, најголем раст кај електричните комбиња имаат Италија (+237,8%), Шпанија (55,5%), Германија (44,9%) и Франција со 39,8 проценти.

Посебно се зголемила побарувачката за доставни возила со хибриден погон. Лани се продадени 25.496 возила, што претставува раст од 101,5 проценти. Соодветно се зголемил и уделот од 0,9 на 1,6 процент. Повторно четирите главни пазари: Франција (+155,2%), Италија (+129,2%), Германија (+67,6%) и Шпанија (+12,7%).

Раст има и кај доставните возила со алтернативно гориво

Пазарот на доставни возила што користат автогас, метан, биогориво или етанол се зголемил за 10,2 проценти. Вкупно се продадени 21.340 возила со ваков погон во ЕУ. Само во Германија се намалила побарувачката (-3,2%).

Вкупниот удел на возилата што користат алтернативно гориво изнесува 1,4 процент (1,3% во 2020 година).

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Kia EV6 победи во изборот за автомобил на 2022 година

Потона бродот на којшто гореа илјадници скапи автомобили