Опел Мовано со батериски електричен погон веќе подолго време е достапен за нарачки кај германската марка на Стелантис. На салонот на товарни возила во Хановер доаѓа уште еден електричен Мовано – но, не со батериски електричен, туку со водороден електричен погон.
На салонот ИАА Транспорт 2024 во Хановер ќе доживее премиера новиот Опел Мовано Хидроген. Германската марка на салонот што трае од 16-ти до 22-ри септември ќе ѝ ги прикаже на јавноста предностите на чистиот електричен погон, што не условува долго време на полнење.
Место батерии, водородниот електричен погон во Опел Хидроген Мовано користи чист водород, што во резервоарот се полни за помалку од 5 минути. Одговара и досегот, со 500 километри според ВТЛП, што не зависи од температурата на средината. Во поглед на просторноста и практичноста, Мовано Хидроген не се разликува од изведбите со обичен или со батериски електричен погон.
Покрај водородниот Мовано, на хановерскиот ИАА ќе бидат прикажани и новиот Опел Комбо Електрик и четирициклот Рокс Електрик, што производителот цени дека посебно одговара за достава на пратки.
Водородниот погон и не е новина во Опел, затоа што пред него големиот Виваро се појави со овој вид на погон. Електромоторот располага со моќност од 110 кВ (150 КС) и постигнува вртежен момент од 410 њутнметри. Енергијата за напојување на електромоторот, место од батерија, доаѓа од водородот, што влегува во хемиска реакција во т.н. горивни ќелии.

Тие можат да се замислат наједноставно како мембрана низ којашто можат да поминат само протоните на атомот на водород, додека електроните се премногу крупни за да минат низ неа, и поради настанатата нерамнотежа во електричниот полнеж, тие почнуваат да се движат околу мембраната. А, тоа движење на електроните е токму електрична енергија. Сето тоа е многу посложено и понапредно да се изведе и проектира, меѓутоа барем е едноставно да се објасни.

Водородниот Мовано поседува и мала батерија од 11 кВч, што главно помага со енергија при забрзување и поаѓање. Батеријата се полни исто како кај батерискиот електричен погон, односно при секое забавување или запирање.
Зафатнината на товарниот простор, зависно од варијантата, достигнува 13 метри кубни (Л3Х2), односно 17 метри кубни (Л4Х3, најдолга и со повишен покрив). Носивоста изнесува до 1.370 килограми.
Цената за Опел Мовано Хидроген ќе биде позната по салонот, електричната изведба во Германија чини 47.050 евра.
















