за

Бустер за најпродаваниот Opel

Opel ѝ приреди освежување на Corsa. Најголеми промени има кај електричната Corsa E, но има многу новини и кај моделите со вообичаен погон.

Овој модел произведува најсилни молњи на небото на Opel. На нејзиниот домашен пазар, германскиот, Opel Corsa во минатата година вторпат ја предводеше продажбата на модели од градската класа. Во Обединетото Кралство, таа лани беше најпродаван автомобил воопшто. Посебна гордост е електричната Corsa E.

Моделското освежување за Opel Corsa е точно како што доликува за модел што постигнува шампионски продажби. Риселсхајм ја покажа пред светот освежената изведба на Corsa, којашто ќе почне да се произведува по завршувањето на летните годишни одмори.

Имајќи го предвид големиот напредок што го постигнува Opel во електрификацијата на својата понуда од модели, и сигурното движење кон целта, по 2024 година да има најмалку по една електрична изведба во секоја моделска серија, нормално е тоа што најмногу внимание ѝ се посвети на електричната изведба Corsa E. Таа двапати профитира од освежувањето.

Покрај досегашната изведба со 136 КС, во иднина ќе се нуди и втора изведба со 156 КС, со различен електромотор и сменета хемија во батеријата. Додека основната изведба со оптимираната батерија постигнува досег до 357 километри, врвната варијанта на Corsa E минува до 402 километри со полна батерија.

Електриката се вмешува во помала мера и во изведбите со вообичаените мотори. Corsa е прв модел на Opel што добива благ хибриден погон со 48-волтен стартер-генератор и батерија. Бензинските модели со 100 и 136 КС во иднина ќе се испорачуваат само со менувач со двојна спојка. Со благиот хибрид се намалува потрошувачката, а со тоа и емисијата на СО2, но генерално се зголемува и комоцијата, затоа што новата Corsa секогаш вози со менувач со двојна спојка. Тоа е своевидна подоготовка за претстојната норма Еуро 7.

Бидејќи техничарите беа толку вредни, не заостануваат ниту дизајнерите со своите зафати во освежувањето на Opel Corsa. Покрај неколку нови бои за каросеријата и нови материјали за седиштата и во кокпитот, има апдејт и за софтверот на дигиталниот кокпит.

Тоа што беше сосем извесно уште кога почнаа гласините за моделското освежување, се потврдува веднаш по првото гледање на Corsa: По пример на Astra, Mokka, Grandland и Crossland, сега и градската комбилимузина ја добива препознатливата визор-маска, како обележје на марката.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Кинески Great Wall Motor гради фабрика во Бразил, производството почнува в година

Малечко, но со големо влијание: Специјална серија од Citroen Мy Ami Buggy