за

Како работи моторот со променлива компресија на Nissan

nissan infiniti qx50 vc-turbo n

Дваесет години усовршување и сто прототипи тестирани до крајни граници стојат зад технологијата што Nissan ја воведува во својата престижна марка Infiniti. Моторот се води како VC-Turbo и веќе годинава стартува со продажба во новата генерација на кросоверот QX50. Ова е најсовремениот мотор со внатрешно согорување што моментно го нуди браншата.

Додавањето два, три, четири турбокомпресори и зголемувањето на притисокот на натполнење не е единственото што им преостанува на иненерите за натамошно усовршување на моторната техника. Иновацијата што внесува едно од најголемите освежувања кај моторите пристига од светскиот шампион во електромобилноста, Nissan. Со претставувањето на технологијата наречена VC-Turbo, јапонскиот производител јасно укажува дека не е сé изгубено за обичните мотори со внатрешно согорување.

VC-Turbo и не треба да се води како „обичен“ мотор. Несмасно избраната кратенка „ве-це“ стои за варијабилна компресија и токму тоа го прави моторот – го менува степенот на компресија. Според значајноста на иновацијата, VC-Turbo донесува многу посуштински промени отколку воведувањето на повеќевентилската технологија, на варијабилната работа на брегастите вратила, па дури и на директното впрскување на горивото под висок притисок.

VC-Turbo е „VTEC“ за суштинските компоненти на моторот, за клипниците и коленестото вратило

Повеќе производители имаат експериментирано со идејата за мотор со променлив степен на компресија, но Nissan, односно Infiniti, е првата марка што ја доведува технологијата до сериско производство. Дволитарскиот мотор со променлива компресија стартува со продажба веќе годинава, во новата генерација на кросоверот Infiniti QX50. Според најавите на Јапонците, новиот мотор ќе се вградува и во други модели.

Nissan Infiniti QX50 VC-Turbo 4

Инженерите на Nissan применија радикално решение во соочувањето со вечниот предизвик – да се конструира мотор што е способен да испорача врвна моќност, но и мотор што може да работи со исклучителна ефикасност. VC-Turbo го менува степенот на компресија со помош на напреден мултилинк-систем, преку когошто се зголемува или се намалува одот на клиповите, зависно од моментното оптоварување на моторот.

Nissan Infiniti QX50 VC-Turbo 13

Мотор со повисок степен на компресија работи поефикасно, но во одредени услови постои опасност од предвремено согорување на смешата, при што се слуша карактеристичното „тропање“. Доколку се оди на пониска компресија, пак, се постигнуваат повисока моќност и вртежен момент, без опасноста од „тропање“ и сериозно оштетување на моторот – на сметка на ефикасноста.

Новиот мотор на Nissan не ја загрозува електрификацијата на погонската спрега, но дизел моторот, да

VC-Turbo при работата може да го постигне кој било степен на компресија меѓу 8:1 и 14:1. Комбинирајќи високи перформанси и штедливост, моторот со променлива компресија на Nissan директно го загрозува дизел моторот. Моќноста од 272 КС се постигнува при 5.600 вртежи, додека највисокиот вртежен момент од 390 Nm стои на располагање при 4.400 вртежи.

Специфичната моќност на VC-Turbo, односно соодносот меѓу коњските сили и работната зафатнина (КС/l) е повисока отколку кај повеќето класични турбо-бензинци. Перформансите на моторот се споредливи со V6. Најдоброто е во тоа што нема потреба од користење два или повеќе турбокомпресори (обично еден со помал пречник што реагира при пониски вртежи и еден со поголем пречник што е задолжен за полната моќност) или скап електричен турбокомпресор (Audi) којшто условува 48-волтна мрежа во возилото.

Вредноста на просечната потрошувачка што ја пријавува производителот изнесува 8,7 литри на сто километри, односно три децилитри повеќе во верзијата на Infiniti QX50 со погон на сите тркала. Тоа е заштеда од 35% во споредба со моторот V6 на претходната генерација на QX50 (30% за верзијата со погон на сите тркала).

VC-Turbo е првиот сериски мотор што користи мултилинк-систем

Компонентите на мултилинк-системот се изработени од челичен лив со висока содржина на јаглерод. Дволитарскиот VC-Turbo е 18 килограми полесен од 3,5-литарскиот V6 и секако дека зафаќа помалку простор.

Промената на компресијата се врши преку првиот мултилинк-систем што се користи во мотор, во комбинација со редуктор и контролна оска. Редукторот ротира за одреден степен со помош на електромотор и поврзан е со контролната оска преку контролен лост. Кога редукторот ќе ротира за одреден агол, соодветно ротира и контролната водилка што се наоѓа под блокот на моторот. Оваа водилка фактички ја поместува положбата на мултилинк-системот во моторот.

Nissan Infiniti QX50 VC-Turbo 12

Nissan Infiniti QX50 VC-Turbo 14

Со промената на аголот на водилките во мултилинк-системот се менува и положбата на горната мртва точка на клиповите – а со тоа и самиот степен на компресија. Контролна оска со ексцентри го менува степенот на компресија на сите цилиндри во исто време. Работната зафатнина варира меѓу 1.997 (при компресија 8:1) и 1.970 сантиметри кубни (при 14:1).

Промената на компресијата се одвива без степени и неосетно во возењето

При повисок степен на компресија, моторот на Infiniti работи во еткинсонов циклус (вшмукувачките вентили остануваат отворени подолго време, се користи динамиката на гасот при вшмукувањето, односно процесот се контролира преку вентилите, место преку придушницата). Одот на клиповите е подолг, вшмукувачките вентили остануваат отворени кусо по долната мртва точка, односно додека веќе започнува тактот на компресија. Еткинсоновиот циклус обично се користи во моторите на хибридните модели на Toyota.

Со намалувањето на степенот на компресија, моторот се враќа во нормален циклус, со одвоени фази на вшмукување, компресија, експанзија и издувување, односно моторот се префрлува на повисоки перформанси.

Комбинација од индиректно и директно впрскување на горивото

Горивото се впрскува преку комбинација од MPI (мултипоинт) и GDI (директно впрскување). Првата постапка, во којашто горивото се впрскува во вшмукувачката гранка, има предност во тоа што постигнува повисока ефикасност при ниско оптоварување на моторот, преку раното мешање на горивото и воздухот. Директното впрскување на горивото во комората за согорување, пак, ги подобрува ефикасноста и перформансите, спречувајќи го воедно и прераното согорување при повисок степен на компресија. Обата сета инјектори можат да работат заеднички при повисоко оптоварување.

Поради смирената работа, којашто произлегува од конструкцијата на мултилинк-системот (клипниците се во речиси вертикална положба при тактот на експанзија), VC-Turbo нема потреба од балансирачки вратила, како што е случај кај обичните четирицилиндарски мотори. Според инженерите на Infiniti, бучавата и вибрациите се на ниво на мотор V6. Отсуството на балансирачки вратила овозможува моторот да има исти димензии како обичен дволитарец.

Nissan Infiniti QX50 VC-Turbo 17

Уште едно обележје на VC-Turbo се активните држачи на моторот, коишто го намалуваат пренесувањето на вибрациите од моторот врз каросеријата. Ова е прва примена во браншата на системот што Nissan го нарекува Active Rorque Rod или ATR. Системот е интегриран во горните држачи, кадешто обично се произведуваат најмногу звуци и вибрации. ATR користи сензор за детектирање на вибрациите, коишто системот ги поништува произведувајќи вибрации со спротивна фаза. Интерните мерења покажале дека бучавата од моторот е пониска за 9 децибели во споредба со QX50 од претходната генерација. Само усовршувањето на ATR траело осум години.

[FAG id=30401]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

роботски автомобили цес лас вегас 2018

Роботски автомобили за посетителите на ЦЕС во Лас Вегас

mercedes benz gle

Mercedes повторно ги натпродаде BMW и Audi