За еден месец од почетокот на продажбата се примени 3.500 нарачки за новиот Nissan Leaf само за европскиот пазар. На претходникот му беше потребна цела една година да ја достигне оваа бројка. Норвешка беше првата земја во Европа кадешто електричниот автомобил на Nissan стартуваше со продажба во септември.
На повеќето пазари Nissan Leaf засега е достапен само во специјалната воведна серија. Во стандардната опрема спаѓа и системот за асистенција ProPilot, кој овозможува автономно возење во одредени ситуации. Наскоро ќе биде понудена и обичната верзија со соодветно пониска цена, а потоа следува и модел со зголемен досег.
На глобално ниво се добиени 9.000 нарачки за новиот Nissan Leaf за еден месец
На глобално ниво, новиот Leaf има надминато 9.000 нарачки – тоа е повеќе од половина од продажбата што претходникот ја постигна за шест месеци. Со полни батерии, електричниот компакт минува до 378 километри според нормите, односно околу 250 километри во реални услови на возење. Претходникот постигнуваше досег од само 200 километри. Leaf е најпродаван електричен автомобил во светот, со повеќе од 300.000 примероци продадени од премиерата на првата генерација во 2010 година.
















