Фабриката на Нисан во Обединетото Кралство има обезбедена иднина

Производството на Нисан Кашкај во фабриката во Сандерленд, Англија.

Фабриката на Нисан во Обединетото Кралство не се наоѓа на списокот од седум фабрики што новиот извршен директор Иван Еспиноза планира да ги затвори, во неговата намера за трошоците да се сведат на најмала можна мера.

Нисан има цел да ја намали својата производствена мрежа ширум светот на 10 фабрики, од сегашните 17 фабрики. Тоа следи откако производителот пријави загуба од 4,5 милијарди долари за фискалната година што заврши на 31-ви март, по масовните трошоци што се создадоа при преструктурирањето.

Еспиноза кажа дека фабриката на Нисан во Сандерленд, Англија, ќе опстане како единствена фабрика на јапонскиот производител во Европа.

„Во Европа, ќе го зајакнеме нашето присуство преку монтажа на повеќе електрични модели во Сандерленд,“ посочи Еспиноза при претставувањето на новиот план што е наречен Ре:Нисан, за време на објавата на деловните резултати на 13-ти мај.

Во фабриката во Сандерленд работат околу 6.000 лица, во монтажата на компактниот СУВ-модел Кашкај и на малечкиот СУВ-модел Џук, што главно се продаваат на европскиот пазар.

Нисан потроши 2 милијарди фунти за фабриката да ја подготви за производство на новата генерација на електричниот Лиф, што треба да почне годинава, како и за уште неколку електрични модели, вклучувајќи го наследникот за малечкиот Џук.

Европскиот огранок на Нисан е најслаб регион со загуба од 600 милиони евра

Европскиот бизнис на Нисан направи загуба од 599 милиони евра во финансиската година што заврши на 31-ви март, поради намалената продажба на возила и повисоките попусти, откриваат податоците на компанијата. Европа беше најслаб регион на Нисан.

Нисан во изминатите години ги скуси своите активности во Европа, со намера да ја зголеми профитабилноста. Во 2021 година беше затворена фабриката во Барцелона, Шпанија.

За да се зајакне бизнисот во Европа, Еспиноза најави дека Нисан ќе продолжи да работи на своето партнерство со Рено во Европа, како и да увезува модели што се развиени заедно со проектот во Кина, во партнерство со Донгфенг.

Меѓу проектите на Рено за Нисан се градскиот модел Микра, којашто се базира врз електричниот Рено 5 и ќе почне со продажба годинава. В година следи и нова генерација на Рено Твинго со електричен погон.

Идното трио електрични модели на Нисан, лево е Џук, во средината Лиф, десно е Микра.

Нисан очекува дека новите модели ќе помогнат да се засили продажбата во Европа. Меѓу нив е главно триото Џук, Лиф и Микра, сите електрични.

Меѓу моделите што ќе се увезуваат од Кина е пикапот со приклучен хибриден погон Фронтир Про, што е производ на Нисан-Донгфенг. Тој ќе дојде во замена за Навара.

Британската влада објави на 12-ти мај дека договорила помош во вредност од 1 милијарда фунти, за добавувачот на батерии АЕСЦ да ја доврши изградбата на гигафабриката во Сандерленд, од каде што фабриката на Нисан ќе се снабдува со батерии за електричните автомобили.

Планот за развој на Карлос Гон вил виновен за проблемите на Нисан

Еспиноза кажа дека Нисан ќе отпушти 19.000 работници ширум светот, со цел производителот на автомобили да почне да работи профитабилно, во услови на намалена продажба и зголемени царини.

Во намалувањето на бројот на вработени, затворањето на фабрики учествува со 65 проценти, додека 17 проценти ќе бидат постигнати преку намалување на вработувањата во истражување и развој, а остатокот во продажбата и администрацијата.

Еспиноза посочи дека планот за развој на Карлос Гон, со којшто за 2015 и 2016 година се предвидуваше продажба од 8 милиони возила на Нисан и Рено, е причината за проблемите со коишто сега се соочува јапонскиот производител.

Во минатата фискална година, светската продажба на Нисан опадна за 2,8 проценти, на 3,3 милиони возила.

Претходна објаваНовиот хибриден Фиат 500 се очекува кон завршетокот на годината
Следна објаваЈапонските производители ќе претрпат штета од 19 милијарди долари поради царините во САД

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here