
Нио, кинескиот производител на електрични автомобили што е познат по своите станици за брза замена на испразнета батерија со полна, од следната година почнува со продажба на марката Онво во Европа.
Првиот модел на Онво, со цена што е под нивото на моделите на Нио, ќе биде Л60, СУВ од средна класа со изглед на купе, којшто ќе се спротивстави на Тесла Ипсилон.
Продажбата ќе стартува прво во Обединетото Кралство, каде што електричните автомобили од кинеско производство не подлежат на казнените царини на ЕУ, затоа што земјата не членува во Унијата. Тоа на настан што се одржа во ОК го изјави Ерик Ју, директорот за продукти и стратешко планирање на Нио.
Автомобилите на Нио во ЕУ подлежат на казнена царина од 31 проценти, дополнително на царинската стапка од 10 проценти којашто важи уште од претходно. ЕУ реши да ги зголеми царините за кинеските ЕВ почнувајќи од ноември.
Л60 има слична големина и изглед со Тесла Ипсилон, и во Кина се продава по цена што одговара на 27.000 евра. Имајќи предвид дека во цените за Кина не е вклучен ДДВ, а во Европа треба да се додаде уште цена за транспорт, царина и секако ДДВ, се очекува дека Л60 ќе се продава на пазарите во ЕУ по цена од околу 40.000 евра. Во цената за Кина влегува и месечна отплата за батеријата, за којашто се плаќа наемнина за користење, место таа да се купува со возилото.
Во Германија, Тесла Ипсилон почнува од 44.990 евра за основниот модел со еден електромотор и заден погон.
За споредба, СУВ-моделот од средната класа Нио ЕЛ7, почнува од 94.900 евра за изведба со продолжен досег и батерија од 90 кВч.
Ју не наведе точен датум кога би отпочнала продажбата на Л60 во Европа, но спомна дека со извоз ќе се почне кога месечната продукција ќе достигне 30.000 возила. Се очекува дека тоа ќе се постигне во март 2025 година. Во моментов се планирани по 10.000 возила месечно.

Според кинеските мерења, Онво Л60 постигнува досег од преку 1.000 километри
Онво вели дека Л60 располага со најниска потрошувачка на енергија во класата, меѓу другото благодарение на коефициентот на отпор на воздух 0.22 Цд. Вообичаената вредност за СУВ се движи меѓу 0,35 и 0,45. Мазната форма помага Л60 да потроши само 12,1 кВч на сто километри, мерено според кинеските норми ЦЛТЦ.
Основната Тесла Ипсилон според фабрика троши 15,7 кВч/100 км, по циклусот ВЛТП. Не постои можност за директна споредба на циклусите ЦЛТЦ и ВЛТП.
Стандардната изведба на Л60 поседува батерија од 60 кВч и досег до 555 километри, според кинескиот циклус. Изведбата со батерија од 85 кВч доаѓа до 730 километри, додека третата изведба со батерија од 150 кВч може без запирање да помине преку 1.000 километри. Л60 располага со 900-волтна мрежа.
Исто како моделите на Нио, Л60 поседува заменлива батерија. Додека Нио во Европа има само неколку станици за замнена на батерија, главно во северна Европа, во Кина постојат 2.700 такви станици. Ју најави дека до завршетокот на следната година ќе има поставено вкупно 4.000 станици.
Онво вели дека се потребни само 2 минути и 30 секунди за замена на батеријата на Л60.

Конективност, камери и предни седишта што се претвораат во лежај
Л60 е долга 4.818 милиметри, располага со меѓуоскино растојание од 2.950 милиметри, и стандардно е опремена со предни седишта што целосно се спуштаат и се претвораат во лежај. Според Нио, тоа им се допаѓа на купувачите во Кина.
Конективноста е уште еден важен продажен аргумент. Л60 стандардно доаѓа со средишен дисплеј од 17,2 инчи, голем проекциски дисплеј и два дисплеи од по 8 инчи назад. Аудио системот содржи 18 звучници.
Секој Л60 исто така поседува предна камера што може да ја пренесува сликата од возачкото место, како и внатрешна камера што може да слика или да пренесува видео од тоа што се случува во возилото.
Продажбата на Нио во Европа се намали за 30 проценти
Продажбата на матичната марка Нио во Европа во првите 10 месеци опадна за 27 проценти, на 1.513 возила, според податоците на Датафорс.
Падот во најголем дел се должи на Германија, каде што продажбата опадна за 72 проценти, на 338 возила до октомври. Нио претрпе дополнителна штета од тоа што германската влада кон завршетокот на минатата година ги укина субенциите, за коишто се квалификуваше лимузината Нио ЕТ5.
Продажбата на Нио уште се концентрира во најголем дел на Кина, каде што се продадени главнината од 170.257 возила до октомври. Во тоа спаѓаат и 4.319 примероци од Онво Л60.
Компанијата се обложува на Онво и на втората буџет марка Фајерфлај, за продажбата на Нио да напредува во Европа надвор од луксузниот сегмент. Извршниот директор на Нио, Вилијам Ли, во почетокот на месецов изјави дека очекува продажбата во Европа да се зголеми, со поставувањето нови станици за замена на батерија, како и пристигањето на подостапни модели.
„На светските пазари, марката Нио всушност ќе се потпира повеќе врз марката Онво“, кажа директорот.















